Руте: Арктикот станува клучен за колективната безбедност, НАТО мора да направи повеќе

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте изјави дека Арктикот е сè поважен за колективната безбедност. Алијансата ја покренува мисијата „Арктичка стража“, а на состанокот ќе се разговара и за Украина и зголемување на одбранбените трошоци

🌍 Руте: Арктикот станува клучен за колективната безбедност, НАТО мора да направи повеќе

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави во Брисел дека Арктикот станува сè поважен за заедничката безбедност и дека Алијансата треба колективно да преземе поголема одговорност за сигурноста во овој регион.

Руте на прес-конференција истакна дека членките на НАТО редовно спроведуваат воени вежби на Арктикот, „осигурувајќи дека сме подготвени за борба и дејствување во сите услови“.

„Соочени со зголемените воени активности на Русија и растечкиот интерес на Кина за далечниот север, беше клучно да направиме повеќе и затоа ја покренавме мисијата ‘Арктичка стража’“, изјави Руте.

Според него, мисијата ја покажува посветеноста на НАТО кон безбедноста на Арктикот и на сите сојузници, со цел да се синхронизираат напорите, да се идентификуваат потенцијалните безбедносни предизвици и празнини и тие да се надминат.

„Она што е навистина ново е дека за првпат сите активности на Арктикот ќе ги обединиме под една команда“, рече Руте во пресрет на состанокот на министрите за одбрана на НАТО.

Покренувањето на мисијата доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп минатата година се закани со преземање на таа данска автономна покраина, што предизвика тензии меѓу сојузниците.

Поголеми одбранбени трошоци и поддршка за Украина

Руте најави дека на утрешниот состанок министрите ќе дискутираат за спроведувањето на одлуките од самитот во Хаг, кои предвидуваат зголемување на трошоците за одбрана на пет проценти од БДП и јакнење на одбранбената индустрија.

Тој нагласи дека е потребна одбранбена индустрија што може брзо да одговори на потребите на земјите-членки, што подразбира зголемено производство, посилен синџир на снабдување и усвојување нови технологии.

„За Европа да остане безбедна, потребна ни е блиска трансатлантска соработка, но и поголеми инвестиции и преземање поголема одговорност“, изјави Руте.

Според новата распределба на раководните позиции во Алијансата, Обединетото Кралство ќе ја преземе Командата на здружените сили во Норфок (САД), Италија командата во Неапол, додека Германија и Полска ротирачки ќе раководат со командата во холандски Брунсум.

Поддршката за Украина ќе биде една од главните теми на состанокот, како и неформалниот состанок НАТО–Украина, на кој ќе учествуваат украинскиот министер за одбрана Михаил Федоров и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас.

Руте оцени дека Украина не може сама да обезбеди мир и дека поддршката од сојузниците е клучна.

„Претседателот Путин се обидува да го скрши украинскиот народ, надевајќи се дека ќе ја ослаби нивната решителност. Но Украина повеќепати покажа дека нема да се скрши“, рече Руте.

Во однос на безбедносните гаранции за Украина, тој посочи дека е постигнат значителен напредок, но дека најпрво е потребен мировен договор.

На прашањето дали отсуството на американскиот министер за одбрана од состанокот испраќа порака за ангажманот на САД во НАТО, Руте одговори дека тоа не значи ништо и дека постојат интензивни разговори меѓу Алијансата и Вашингтон.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни