Фестивалот РУТА со седум претстави во Драмски театар Скопје

Од утре до 31 октомври, Драмски театар Скопје ќе биде домаќин на четвртото издание на регионалниот фестивал РУТА, со седум театарски претстави од Македонија, Србија, Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина.

Фестивалот РУТА (Регионална унија на театри) започнува утре во Драмски театар Скопје, со претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ во режија на Иван Пеновиќ. Претставата е копродукција меѓу ансамблите на Драмски театар Скопје, Београдско драмско позориште, Местно гледалиште Љубљанско и Центар за култура Тиват, а во неа настапуваат актери од целиот регион: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ.

На денешната прес-конференција, режисерот Пеновиќ истакна дека ова е претстава создадена во духот на пријателство и креативна слобода, каде различните јазици и театарски школи се споиле во единствен сценски јазик.

Фестивалот ќе се одвива од 25 до 31 октомври, со седум претстави во рамките на ревијалната програма на театрите членки на РУТА.

Програмата по денови:

  • 26 октомври – „Ќелавата пејачка“ (Центар за култура Тиват), по текст на Ежен Јонеско, во режија на Јагош Марковиќ, со актерите Олга Одановиќ, Бранко Видаковиќ, Дубравка Дракиќ, Момчило Оташевиќ, Сандра Бугарски и Бранимир Поповиќ.
  • 27 октомври – „Куршуми над Бродвеј“, најновата продукција на Драмски театар Скопје, по истоименото филмско сценарио, во режија на Ненад Витанов.
  • 28 октомври – „Повеќе од игра“ (Београдско драмско позориште), сценска адаптација на култната серија, во режија на Иван Вуковиќ – спектакл со над 20 актери и траење од четири часа.
  • 29 октомври – „Мајки“, копродукција на Театар Улисис, Колектив Игралке, Куќа Нахеро и Маска Љубљана, во режија на Рајна Рацз, со актерките Сенди Бакотиќ, Ана Марија Брѓановиќ, Маја Лежаиќ, Рајна Рацз, Ања Сабол и Ванда Велагиќ.
  • 30 октомври – „Три милиони минути“ (Местно гледалишче Љубљанско), по сценарио на филмот „7 години“, во режија на Барбара Хиенг Самобор.
  • 31 октомври – затворање со претставата „За цел живот“ на САРТР – Сараево, автор Бењамин Хасиќ, режија Јасенко Пешиќ, со актерите Сеад Пандур, Давор Сабо, Аднан Кресо, Кемал Ризвановиќ, Јасенко Пашиќ и Дино Хамидовиќ.

Годинава, РУТА го одбележува своето четврто издание во Скопје, а публиката ќе има можност да проследи седум исклучителни регионални продукции и да учествува на тркалезни маси со актерите по секоја изведба, модерирани од проф. Ана Стојаноска.

Сите претстави ќе започнуваат во 20:00 часот во Драмски театар Скопје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни