Со вчерашната изведба на претставата „За цел живот“ на Сараевскиот воен театар САРТР, заврши годинашното издание на Меѓународниот театарски фестивал РУТА во Скопје, чиј домаќин беше Драмскиот театар. Финалето беше исполнето со емоции, заедништво и љубов кон театарот – токму она што РУТА го претставува и обединува веќе неколку години.
Претставата „За цел живот“, во режија на Јасенко Пашиќ, беше последниот настап на фестивалот, кој ги обедини најзначајните регионални театри. Пашиќ, кој покрај режисер е и еден од актерите, настапи заедно со Сеад Пандур, Аднан Кресо, Давор Сабо, Кемал Ризвановиќ и Дино Хамидовиќ. Делото претставува интимна, но и социјална хроника на Сараево – приказна за градот, луѓето и нивната непоколеблива љубов кон фудбалскиот клуб Железничар, кој станува симбол на опстанок и отпор.
„Сите нешта што се случувале во Сараево во последните стотина години, сите поминувале и низ фудбалскиот клуб Железничар. Кога градот згаснувал – згаснувал и клубот; кога градот се обновувал – се обновувал и клубот. Интересно е до која мера и градот и клубот биле маргинализирани – градот од големите европски сили, а клубот од градските и државните структури. Сепак, успеале да опстанат, благодарение на цели армии од луѓе кои ги сакаат. Клубот е повеќе од спорт – тој е движење, емоција, вредносен систем“, вели режисерот Јасенко Пашиќ за Драмски театар – Скопје.
Авторскиот тим ја претвора приказната за клубот во поетска рефлексија за градот и идентитетот, каде што спортот станува метафора за животот, страста и колективното сеќавање.

Бењамин Хасиќ, писател и драматург на делото во најавата вели „Следејќи го развојот на фудбалскиот клуб Железничар, напоредно ја следиме и урбанизацијата на Сараево. Ова не е само приказна за фудбалот, туку за љубовта кон недофатливите нешта. Изминатите стотина години на Сараево се испреплетуваат низ перспективата на еден клуб, повеќе од омилен во својот град. Претставата се обидува да ги разниша предрасудите за фудбалските навивачи и да покаже дека љубовта кон градот може да биде подеднакво гласна како и љубовта кон уметноста.“
Со оваа изведба, РУТА 2025 го заокружи своето најемоционално и највпечатливо издание досега – пет дена во кои сцената стана простор на уметнички дијалог, регионално поврзување и заедничко славење на театарот. Драмскиот театар – Скопје уште еднаш ја потврди својата улога како место каде што театарот не само што се изведува, туку и се живее – каде што се создаваат пријателства, се разменуваат идеи и се гради мрежа на современа регионална уметничка солидарност.
Публиката, актерите и гостите од целиот регион ја споделија истата сцена, истиот здив и истата љубов кон театарот – потсетувајќи дека токму уметноста е она што ги премостува границите и ги обединува градовите, јазиците и луѓето.