Одлуката следи по барањето што уште во август го упати рускиот парламент, Државната дума.
Со оваа одлука, „Дојче Веле“ се приклучува на списокот организации што веќе го носат овој статус, меѓу кои се Радио Слободна Европа/Радио Слобода, Bellingcat, CORRECTIV, „Репортери без граници“ и независната телевизија „Дожд“.
Што значи статусот „непожелна организација“
Според руското законодавство, прогласувањето на една организација за „непожелна“ подразбира дека секоја соработка со неа претставува кривично дело, казниво со високи парични казни или затвор.
Забрането е и споделување или дистрибуција на содржини од вакви организации, вклучително и преку социјалните мрежи.
Реакција од „Дојче Веле“
Генералната директорка на „Дојче Веле“, Барбара Масинг, оцени дека одлуката е уште еден доказ за обидите на Кремљ да ја задуши слободата на медиумите и мислењето во Русија.
„Фактот што Русија нè прогласува за непожелна организација нема да нè запре“, изјави Масинг.
„Овој потег уште еднаш покажува колку руските власти ја игнорираат слободата на медиумите и колку се плашат од сопствените граѓани, оние кои сакаат информации, размислуваат критички и бараат вистина. Дојче Веле ќе продолжи да обезбедува независна новинарска содржина и да им овозможува на луѓето сами да формираат став“, додаде таа.
Засилен притисок врз Дојче Веле во Русија
Во изминатите неколку години, Дојче Веле се соочува со сè поголеми ограничувања во Русија, како дел од пошироката репресија врз медиуми и организации финансирани од странство. Од март 2022 година, Дојче Веле е означена како „странски агент“, а уште претходно ѝ беше забрането емитувањето.
Московското студио на медиумот беше затворено, а интернет-страницата на Дојче Веле е блокирана во Русија на сите јазици.
И покрај тоа, рускојазичната програма на Дојче Веле во 2025 година достигнуваше околу 10 милиони корисници неделно, претежно преку видео-платформи, што ја прави една од десетте најследени услуги на медиумот. Дојче Веле продуцира и дневна 30-минутна видео-емисија „DW Новости“, а сатиричната емисија „Заповедник“, која се снима во Рига, и понатаму има значителна публика.
Од март 2024 година, програмите на Дојче Веле на руски јазик се вклучени и во пакетот TV-Svoboda („Слобода“) на „Репортери без граници“, кој преку сателитите Eutelsat-Hotbird емитува околу 20 независни руски телевизиски и радио-канали.
За да ја заобиколи цензурата, Дојче Веле сè повеќе користи дигитални платформи и алатки како Tor-прелистувачот, VPN-пристап и сопствената мобилна апликација.
„И покрај блокадите и цензурата, нашата публика на руски јазик денес е поголема од кога било“, истакна Масинг. „Ќе продолжиме независно да известуваме, за војната против Украина и за други теми за кои во Русија речиси и да нема слободни информации.“
Извор: DW
