Руски товарен авион слета на Куба во услови на зголемени геополитички тензии

Рускиот товарен авион Ил-76 слета во воена база во близина на Хавана. Летот доаѓа во чувствителен момент, по новите американски санкции кон Куба и продлабочената воена соработка меѓу Москва и Хавана.

Руски товарен авион од типот Иљушин Ил-76, кој претходно бил користен за транспорт на системи за противвоздушна одбрана во Венецуела, слета доцна во неделата на воениот аеродром Сан Антонио де лос Бањос, во близина на Хавана, главниот град на Куба, јавува Defense News.

Според податоците за летот, авионот, со регистарска ознака RA-78765, е управуван од компанијата Aviacon Zitotrans, превозник поврзан со руската влада. Леталото полетало од Санкт Петербург кон крајот на јануари и на пат кон Куба застанало во Сочи, Мавританија, Алжир и Доминиканската Република.

Истиот авион кон крајот на октомври 2025 година летал за Венецуела, Никарагва и Куба, во период на растечки тензии меѓу Каракас и Вашингтон.

Куба под зголемен американски притисок

Слетувањето на рускиот товарен авион се случува во чувствителен политички момент. По американската воена интервенција во Венецуела на 3 јануари, Куба се најде под засилен притисок од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

На 29 јануари, Трамп со извршна уредба прогласи „национална вонредна состојба“ поврзана со Куба и воведе царини за сите држави што ѝ испорачуваат нафта на Хавана, освен доколку кубанските власти не се усогласат со американската надворешна и безбедносна политика.

Санкциониран воен превозник

Авионот Ил-76 има капацитет да превезува до 50 тони товар или околу 200 лица. Во минатото, вакви летала биле користени за транспорт на лесно оружје, воена опрема, па дури и платеници за потребите на руските операции во странство.

Компанијата Aviacon Zitotrans е позната по транспорт на воен товар и поради тоа се наоѓа под санкции на повеќе земји, меѓу кои САД, Канада и Украина. Американското Министерство за финансии во јануари 2023 година соопшти дека компанијата превезувала ракети, боеви глави и делови за хеликоптери, како и дека учествувала во испораки на воена опрема за Венецуела, Африка и други региони, во соработка со државната компанија Рособоронекспорт.

Засега не е познато каков товар превезува авионот при оваа мисија.

Потсетување на венецуелскиот случај

Кога истиот авион летал за Венецуела пред американските напади, според изјави на руски функционери и државни медиуми, биле испорачани системи за противвоздушна одбрана Панцир-С1 и Бук-М2Е. Иако таквата испорака е технички возможна, експертите наведуваат дека системот „Бук“ би морал да биде расклопен поради своите димензии.

Актуелниот лет покажува силни сличности со претходната мисија за Венецуела, вклучително и маршрутата преку Северна Африка и контекстот на растечки геополитички тензии околу уште една латиноамериканска земја со блиски врски со Русија.

Русија и Куба во март 2025 година потпишаа и ратификуваа нов договор за воена соработка, со кој се воспоставува правна рамка за заеднички воени операции, вежби, размена на воени експерти и испорака на воена опрема.

Извор: Index Vijesti / EPA

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни