Руски службеници купуваат сѐ повеќе Ајфони, иако владата им забрани да ги користат

Руската влада во периодот јануари-септември купила четири пати повеќе Ајфони од истиот период минатата година, објави весникот Ведомости, иако постојат забрани одредени функционери да користат Епл уреди.
Фото: Trusted Reviews

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) во јуни 2023 година соопшти дека открила американска шпионска операција која компромитирала илјадници Ајфон телефони користејќи софистициран софтвер за надзор, тврдење кое Епл го негираше.

Весникот „Комерсант“ минатата година објави дека Кремљ им рекол на службениците вклучени во подготовките за претседателските избори во Русија во 2024 година да престанат да користат Ајфон поради загриженоста дека уредите се ранливи на западните разузнавачки агенции.

Ведомости, повикувајќи се на неименуван претставник на платформата за тргување Tenderplan, рече дека вредноста на договорите со Ајвони за првите три квартали од годината изнесува 6,9 милиони рубљи (71.469 долари), што е повеќе од 1,6 милиони рубљи потрошени претходната година.

Дигиталното министерство на Русија минатата година им забрани на вработените да користат Ајфон и Ајпад за работни мејлови и апликации.

Најновиот Ајфон 16 се продава и има голема побарувачка во Русија, и покрај тоа што Епл го запре извозот во Русија поради конфликтот во Украина.

Ајфоните во Русија се продаваат по повисоки цени бидејќи тие мора уредите да ги набавуваат од „сив“ пазар и паралелни увози, кои владата ги легализираше за да овозможи увоз на производи без дозвола на производителите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни