Руски шпионски дронови над Германија стануваат сѐ поголема закана

Заканата од руски шпионски дронови над Германија расте, откривајќи сериозна безбедносна празнина.

Дроновите не се лансираат само од копно, туку и од морски пловила, а сѐ уште не е јасно кој е надлежен за спротивставување на оваа опасност – Бундесверот, полицијата или други институции.

Според германските власти, од почетокот на годината се регистрирани стотици инциденти со дронови насочени кон воени објекти и критична цивилна инфраструктура, вклучувајќи терминали за течен природен гас.

Минатиот викенд специјални полициски единици во Шлезвиг-Холштајн и Долна Саксонија извршија претрес на товарниот брод Scanlark во бравата Кил-Холтенау поради сомневање дека служел како „база за дрон летови над критична инфраструктура на северна Германија“.

Министрите за внатрешни работи на двете покраини истакнаа дека операцијата е „силен сигнал“ дека државата може да одговори на хибридни закани, посочувајќи на ранливоста на германските крајбрежни региони поради нивната стратешка инфраструктура.

Бродот долг 75 метри работи за естонска компанија, а е регистриран во Сент Винсент и Гренадини. Претходно пристигнал од Ротердам, а како следна дестинација била најавена Финска.

Експерти предупредуваат дека Русија користи стари танкери и товарни бродови од т.н. „сенковита флота“ не само за да избегне санкции, туку и како платформа за шпионски активности.

Правната рамка во Германија е ограничена: армијата може да интервенира само ако полицијата нема техничка можност, но измените на законот за воздушна безбедност кои би овозможиле соборување на дронови никогаш не биле усвоени.

Од германското Министерство за внатрешни работи велат дека комуникацијата со покраинските власти и операторите на инфраструктура е постојана, но заканите брзо се менуваат.

Од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година, бројот на вакви инциденти во Европа постојано расте. Минатиот викенд во Полска падна дрон со руски ознаки, што властите го сметаат за можно намерна провокација.

Извор: Euronews

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни