Тим од руски научници се одлучи на земјоделски предизвик и успеаја во тоа. Тие одгледаа лубеници во својата станица Восток која е лоцирана на т.н Пол на студот. Причината за таквото именување е што е лоцирана на најстуденото место на Земјата, каде што во историјата се забележани минус 128,6 степени Целзиусови, а моменталните температури се 89,2 степени Целзиусови под нулата.
Научниците за да ја опремат стаклената градина во која ќе растат лубениците направиле специјални оаза со прилагодена температура и влажност на воздухот. На ваквиот експеримент работеле научници од Руската антарктичка експедиција на Институтот за истражување на Арктикот и Антарктикот (ААРИ), заедно со колегите од Институтот за агрофизички истражувања и Институтот за биомедицински проблеми на Руската академија на науките.
Тимот на истражувачи се одлучил за два вида на лубеници, како би можеле да го следат нивниот напредок. Избрале сорти кои брзо зреат, но и се прилагодливи на нискиот атмосферски притисок и слабата концентрација на кислород. Семето го засеале на специјална подлага, замена за почва, а за процесот на фотосинтеза употребиле специјални светла. Во недостиг на инсекти за опрашување на растенијата научниците тоа го правеле рачно, односно со низа методи тие ја завршиле таа работа.
По 103 дена од садењето на семето научниците го собрале родот. Од шест различни растенија собрале осум зрели лубеници. Секоја од лубениците достигнала тежина од еден килограм и пречник од 13 сантиметри, стои во соопштението на Руското географско друштво.
Со овој експеримент се докажа дека може да се одгледуваат сочни лубеници на најстуденото место на планетата Земја, додаваат истражувачите. Сметаат дека на тој начин не само што работат на нови истражувања, туку си обезбедуваат и слатка закуска во суровите услови на Антарктикот.
„На сите ни беше драго што можеме да уживаме во вкусот на летото“, изјави Андреј Тепљаков, водечки геофизичар на ААРИ, за Руското географско друштво.
Истражувачите, водени од ваквиот успех, најавиле дека следни на листата за одгледување се неколку разни видови на овошки како капини, боровинки и јагоди.
Инаку, лубениците какви што ги знаеме денес датираат од пред повеќе од 4.300 години, а потеклото им е од Судан.
Извор: livescience.com