Руски напад врз танкер на Дунав предизвика евакуација на две романски села

Две села во Романија беа евакуирани во понеделникот откако руски дрон удри во турски танкер со течен нафтен гас на Дунав, во близина на украинско-романската граница.

Ударот го зафати бродот MT Orinda додека истоварал товар во украинскиот град Измаил, предизвикувајќи голем пожар додека на него се наоѓале 16 работници.

Сите членови на екипажот навреме биле евакуирани и нема повредени.

Удар во рамки на масовен руски воздушен напад

Танкерот бил погоден за време на ноќен руски воздушен напад, во кој – според украинските воздухопловни сили – биле испукани две балистички ракети „Искандер-М“ и 128 ударни и мамечни дронови.

Гувернерот на Одеската област, Олег Кипер, соопшти дека нападите оштетиле енергетска и пристанишна инфраструктура во неколку градови, при што биле предизвикани повеќе пожари и била повредена една личност.

Нападот се случи само ден по посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Елисејската палата, каде што со францускиот претседател Емануел Макрон беше објавена испорака на 100 борбени авиони „Рафал“ за Украина.

Властите во Романија наложија евакуација на луѓе и добиток во две погранични села, меѓу кои и Плауру во округот Тулча. Причина за мерката бил стравот дека танкерот може да експлодира, со оглед на тоа дека носел течен нафтен гас – високо запалива материја.

Романските служби посочија дека претпазливоста е неопходна затоа што ударот се случил непосредно спроти нивната територија, на реката Дунав која ја дели границата меѓу двете земји.

Стратешки момент за Украина

Измаил, најголемото украинско пристаниште на делтата на Дунав, е клучно за увозот и извозот на енергенси. Нападот доаѓа во критичен момент за Украина, која се подготвува за тешка зима и се обидува да обезбеди нови линии за снабдување со гас.

Само еден ден пред нападот, Зеленски во Грција договори увоз на американски течен природен гас кој од јануари треба да стигнува во Одеса преку гасоводи од Александруполис.

Стратегијата има цел да ја зацврсти енергетската безбедност на Украина, но најновиот напад го покажува ризикот од руски удари врз клучната инфраструктура долж Дунав.

Нападот дополнително го зголемува стравувањето во регионот дека руските дронови и ракети опасно се доближуваат до територијата на НАТО.

Извор: Independent

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни