Литванскиот Комитет за национална безбедност и одбрана ќе покрене истрага за тоа дали руските дронови го нарушиле воздушниот простор на земјата, во исто време кога 19 дронови влегле во Полска – најави поранешниот претседател на литванскиот парламент, Саулиус Сквернелис. Постои сомнеж дека Министерството за одбрана се обидело да го заташка целиот инцидент.
Сомнежите се појавија по извештајот на германскиот медиум Bild, кој објави дека дронови можеби навлегле на литванска територија минатата недела. Според информациите на Bild, два неидентификувани летачки објекти влегле во литванскиот воздушен простор на 10 септември. Сепак, литванските вооружени сили изјавија дека не можат да ја потврдат оваа информација.
Сериозни обвинувања кон министерката за одбрана
Сквернелис истакна дека, доколку се потврди дека навлегувањето на дроновите било заташкано, одговорност треба да сноси министерката за одбрана Довиле Шакалиене.
„Вооружените сили ја демантираа информацијата, но знаеме дека тие демантираат или молчат само по налог на министерката Шакалиене. Она што се случува во Министерството за одбрана е веќе јавна тајна. Се врши притисок врз армијата, ги тераат да работат како што им се наложи, вклучувајќи и генерали, со цел информациите да се филтрираат и да се заштити угледот на министерката,“ изјави тој.
Тој додаде дека заташкувањето на информациите и неадекватниот одговор на заканите претставуваат „сериозна опасност за безбедноста на нашето општество“.
Инциденти во Полска и Романија
Овие обвинувања доаѓаат во контекст на неодамнешни настани во соседна Полска. За време на рускиот напад врз Украина во ноќта меѓу 9 и 10 септември, руски дронови 19 пати го нарушиле полскиот воздушен простор. Според најновите податоци, остатоци од руските дронови биле пронајдени во 17 населени места во пет полски војводства.
Како резултат, НАТО започна операција наречена „Eastern Sentry“ (Источна стража) со цел да се зајакне источното крило на алијансата.
Полските и сојузничките воздушни сили беа распоредени и во „превентивна операција“ во полскиот воздушен простор во саботата, поради закана од напади со дронови во соседните области на Украина. Аеродромот во источниот полски град Лублин беше затворен.
Романија исто така реагираше
Романија, исто така, ги подигна своите борбени авиони, откако – според властите – еден руски дрон го нарушил нејзиниот воздушен простор за време на руски напад на украинска инфраструктура во близина на границата.
На територијата на Романија, членка на ЕУ и НАТО, која има граница од 650 километри со Украина, веќе неколку пати паднале фрагменти од руски дронови откако Русија започна војна против својот сосед.
Во саботата, Романија подигна два борбени авиони F-16 и ги предупреди граѓаните во југоисточната област Тулча, во близина на реката Дунав и украинската граница, да се засолнат.
Литванија е членка на НАТО од 29 март 2004 година, кога во Алијансата влегоа уште шест држави од централна и источна Европа: Бугарија, Естонија, Латвија, Романија, Словачка и Словенија.