Најмалку 15 лица загинаа, а повеќе се повредени откако руски дрон погоди автобус во југоисточната Дњепропетровска област во Украина, соопшти регионалниот управител Олександр Ханжа.
Украинската служба за итни случаи информираше дека по ударот избувнал пожар, кој противпожарните екипи брзо го изгаснале.
Русија лансирала 90 дронови во текот на ноќта
Нападот врз автобусот се случил по масовен ноќен напад, при што Русија лансирала околу 90 напаѓачки дронови. Според украинското воено воздухопловство, 14 дронови погодиле девет различни локации.
Ханжа претходно изјави дека во одделен ноќен напад врз градот Днипро загинале уште една жена и еден маж.
Истовремено, руско гранатирање го погодило и центарот на Херсон, каде тешко е повредена 59-годишна жена, соопшти градската воена управа преку Фејсбук.
Напад и врз родилиште во Запорожје
Украинската итна служба потврди дека руски дрон погодил родилиште во јужниот град Запорожје, при што биле повредени најмалку три жени. Во приемниот дел на гинекологијата избувнал пожар, кој подоцна бил изгаснат.
Подоцна, шефот на регионалната администрација Иван Федоров соопшти дека бројот на повредени пораснал на шест.
Москва и Киев со спротивставени тврдења
Руското Министерство за одбрана објави дека нивните сили користеле авијација, напаѓачки дронови, ракети и артилерија, тврдејќи дека биле гаѓани транспортни и логистички објекти што ги користи украинската армија.
Москва исто така тврди дека руската противвоздушна одбрана соборила 21 украински дрон над југозападна и западна Русија, без информации за жртви или материјална штета.
Зеленски најави нова рунда мировни преговори
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно денеска објави дека следната рунда мировни преговори меѓу Русија и Украина ќе се одржи на 4 и 5 февруари во Абу Даби, со учество и на САД.
„Украина е подготвена за суштински разговори и заинтересирана за исход што ќе нè приближи до вистински и достоинствен крај на војната“, напиша Зеленски на Телеграм.
И покрај повиците на американскиот претседател Доналд Трамп за компромис, Москва и Киев и понатаму имаат длабоки несогласувања, особено околу повлекувањето на руските сили од окупираните територии и статусот на источниот регион Донбас.
