Руското вселенско летало без екипаж Луна-25 се урна на Месечината откако излета од контрола, соопштија официјални лица. Тоа беше прва руска мисија на Месечината по речиси 50 години.
Леталото требаше да биде првото што некогаш ќе слета на јужниот пол на Месечината, но не успеа откако наиде на проблеми додека се движеше во својата орбита пред слетувањето.
Беше поставено да истражува дел од Месечината за кој научниците сметаат можно е да содржи замрзната вода и скапоцени елементи.
Роскосмос, руската државна вселенска агенција, во неделата наутро соопшти дека изгубила контакт со Луна-25. Прелиминарните наоди покажаа дека леталото „престанало да постои како резултат на судир со површината на Месечината“.
Се вели дека специјална комисија ќе испита зошто мисијата не успеала.
Загубата на Луна-25 е удар за Роскосмос. Цивилната вселенска програма на Русија е во опаѓање веќе неколку години, бидејќи државното финансирање се повеќе се насочува кон војската.
Русија беше во трка за „освојување“ на јужниот пол на Месечината со Индија , чиј вселенски брод Чандрајаан-3 треба да слета таму следната недела.
Откако Чандрајаан -3 ќе слета, ќе бидат потребни неколку часа за да се спушти прашината пред роверот со шест тркала да излезе и да се шета околу карпите и кратерите на површината на Месечината, собирајќи клучни податоци и слики кои ќе бидат испратени назад на Земјата за анализа.
Површината на јужниот пол на Месечината која постојано останува во сенка е многу поголема отколку на северниот пол на Месечината, што го прави поверојатно наоѓањето вода таму.
Роскосмос призна дека мисијата Луна-25 е ризична и може да пропадне. Леталото беше лансирано од космодромот Восточни во далечниот источен регион Амур во Русија на 11 август, а потоа успешно влезе во орбитата на Месечината во средата оваа недела.
Се очекуваше да влезе во историјата со меко слетување во понеделник или вторник, само неколку дена пред индискиот тачдаун.
Ниту една земја досега не слетала на јужниот пол на Месечината, иако и САД и Кина меко слетале на површината на Месечината.
Луна-25 беше првата руска мисија на Месечината од 1976 година, кога беше дел од Советскиот Сојуз. Таа мисија, Луна-24, слета успешно.
Извор: BBC