Руските сили денеска извршија напад врз родилиште во Запорожје, град во јужна Украина, при што се повредени најмалку шест лица, соопшти регионалниот гувернер Иван Федоров.
Тој објави и видео-снимки од местото на настанот, на кои се гледа оштетената зграда со искршени прозорци, од која излегува густ чад.
Меѓу повредените има и две трудници кои во моментот на рускиот напад биле на лекарски преглед.
„Нападот врз одилиште е уште еден доказ дека ова е војна која се води против самиот живот“, изјави Федоров.
Родилиштата како цели на напад
Од почетокот на руската инвазија, покрај друга цивилна инфраструктура, повеќепати биле мета и родилишта. Во нападот врз градот Вилнијанск во Запорошката област во 2022 година, беше убиено бебе старо само два дена.
Најновиот напад во Запорожје се случува во период кога Русија ја засилува својата офанзива во јужниот дел на Украина, со чести воздушни и ракетни удари во регионот.
Напад за време на разговори за примирје
Инцидентот се случи во време на обиди за мировен договор меѓу Украина, САД и Русија. Американскиот претседател Доналд Трамп на 29 јануари соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин се согласил на еднонеделна пауза на нападите врз украинските градови.
Сепак, Москва подоцна појасни дека тоа се однесува само на Киев и дека примирјето важи до денес, непосредно пред новиот бран екстремно ниски температури.
