Силна експлозија одекнала вчера во рускиот град Белгород. Додека официјалните извори зборуваат за „неидентификувано зрно“, локалните медиуми известуваат дека во градот паднала руска воздушна бомба.
Официјална верзија на настанот
Гувернерот на Белгородската област, Вјачеслав Гладков, изјавил дека еден цивил е повреден, а дошло до прекин на електричната енергија поради „удар на неидентификувано зрно“. Според неговите зборови, оштетен е еден камион, а на две куќи се скршени прозорците.
„Сè уште постојат проблеми со снабдувањето со електрична енергија во делови од Белгород и Белгородскиот округ. Сите итни и оперативни служби работат на терен. Енергетичарите ја обновуваат мрежата“, напишал гувернерот.
Локални медиуми: Паднала руска бомба
Од друга страна, локалниот портал Pepel известил дека руска воздушна бомба паднала во близина на трафостаница на улицата Сторожевја во Белгород. „Затоа во градот пред експлозијата не е прогласена воздушна опасност, ниту имало предупредување за пристигнување беспилотно летало“, наведува порталот.
Покрај тоа, како што посочува Pepel, жителите непосредно пред експлозијата чуле бруење на авион кој летал кон украинската граница. Овие тврдења засега не се официјално потврдени.
