Русија повторно жестоко го нападна Киев и други градови во Украина во текот на ноќта. Користени биле дронови и балистички проектили. Kyiv Independent пишува дека руските сили нападнале станбени населби и клучна енергетска инфраструктура, а според првичните информации, во главниот град загинала најмалку една личност, додека седум се повредени.
Силни експлозии одекнувале низ Киев околу 1 часот по полноќ, додека предупредувањата за ракетни напади биле активни низ целата земја по податоците за полетувања на руските бомбардери МиГ-31. Градските власти потврдија дека противвоздушната одбрана била активирана за заштита на градот.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека избувнале неколку пожари во висококатници. Една од погодените згради е небодер со 22 ката. Во Дњипровскиот реон се запалила деветкатница, при што едно лице загинало. Пожарникарите успеале да го локализираат пожарот, а спасувачките екипи продолжуваат да бараат преживеани под урнатините.
Руските удари не ја заобиколиле ни Киевската област, каде што се погодени семејни куќи и станови. Во градот Била Церкова четири куќи биле „целосно уништени“, а во нападот е повредено 14-годишно момче.
Овие силни напади следуваат само неколку часа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски на социјалните мрежи ги предупреди граѓаните да очекуваат продолжување на нападите и покрај мировните преговори, повикувајќи ги меѓународните партнери да обрнат внимание на руското непочитување на дипломатијата.
