Русија тврди дека „нема потреба од докази“, за наводниот напад врз резиденцијата на Путин

„Што се однесува до остатоците од беспилотните летала, не можам да коментирам за тоа. Тоа е во надлежност на нашата армија“, заклучи Песков.

Русија тврди дека Украина нападнала една од официјалните резиденции на претседателот Владимир Путин со беспилотни летала, додека Кина ги повика сите страни да избегнат понатамошна ескалација на конфликтот.

Според Скај њуз, Министерството за надворешни работи на Кина изјави дека конфликтот не смее да „се прелее надвор од бојното поле“, нагласувајќи дека не треба да има ескалација, и покрај најавите на Москва дека ќе одговори на наводниот напад.

Претходно, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека 91 украински дрон биле уништени за време на наводниот напад и дека целите и времето на руската одмазда веќе се утврдени.

Од друга страна, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги отфрли обвинувањата, нарекувајќи ги „лаги“.

Во меѓувреме се огласија и соседите на Путин и тие не виделе дронови во близина на резиденцијата.

Денес, се огласи и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, велејќи дека нема потреба да се презентираат докази за нападот.

„Не мислам дека треба да има никакви докази“, рече Песков, додавајќи дека негирањето на нападот врз резиденцијата на Путин е „апсурдно“.

Тој изјави дека Москва ги смета наводните воздушни напади за „терористички напад“, чија цел, тврди тој, е да се спречат мировните преговори.

„Нападот не бил насочен само против претседателот на Русија, туку и против претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп. Целта била да се нарушат неговите напори за постигнување мирно решение на украинскиот конфликт“, рече Песков.

Тој повтори дека, според ставот на Кремљ, нема потреба од дополнителни докази во случај на масовен напад со беспилотни летала, кој, како што изјави, бил успешно одбиен од руската воздушна одбрана.

„Што се однесува до остатоците од беспилотните летала, не можам да коментирам за тоа. Тоа е во надлежност на нашата армија“, заклучи Песков.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни