Европски безбедносни експерти веруваат дека две руски вселенски летала пресретнале комуникации со најмалку десет клучни европски сателити, објави Фајненшел тајмс, повикувајќи се на западни официјални извори. Според проценките, ваквите активности претставуваат сериозен ризик за безбедноста на сателитските системи кои се користат за комуникации, навигација и одбранбени цели низ Европа.
Според написот, европските власти стравуваат дека пресретнувањето не само што може да доведе до компромитирање на чувствителни податоци, туку и да ѝ овозможи на Москва потенцијално да влијае врз орбитите на сателитите или, во екстремен случај, да предизвика нивно излегување од функција.
Во текстот се наведува дека западните воени и цивилни вселенски агенции со години ги следат активностите на руските објекти „Луч-1“ и „Луч-2“, кои повеќепати изведувале невообичаени и, според експертите, сомнителни маневри во орбитата. Овие маневри се толкуваат како дел од поширока стратегија за демонстрација на способности во т.н. вселенска домена.
Прашањето за безбедноста на сателитите станува сè поактуелно во услови на растечка милитаризација на вселената и зголемена зависност на државите од орбиталната инфраструктура. Сателитите денес се клучни не само за цивилни услуги, туку и за воена комуникација, разузнавање и управување со кризи, што ги прави потенцијална мета во геополитичките тензии меѓу големите сили.
Западните извори, како што наведува „Фајненшел тајмс“, засега не изнесуваат јавни докази за директна саботажа, но предупредуваат дека ваквите активности отвораат ново поле на безбедносна конфронтација, каде што правилата и механизмите за контрола сè уште се недоволно развиени.
