Русија планира нуклеарна електрана на Месечината

Москва најавува лунарна електрана до 2036 година за напојување на заедничка руско-кинеска истражувачка станица
Photo: EPA

Русија планира во текот на следната деценија да постави електрана на Месечината, која, според најавите, би обезбедувала енергија за рускиот лунарен вселенски програм и за заедничката руско-кинеска истражувачка станица. Овој потег доаѓа во период кога големите светски сили ја забрзуваат трката за истражување на единствениот природен сателит на Земјата.

Информацијата ја објави руската државна вселенска корпорација Роскосмос, која соопшти дека има за цел да изгради лунарна електрана до 2036 година. За таа намена, Роскосмос потпишал договор со воздухопловната компанија Лавочкин асоцијација, задолжена за техничката реализација на проектот.

Од Роскосмос наведуваат дека електраната треба да го напојува рускиот лунарен програм, кој вклучува ровер-мисии, научен опсерваториум и инфраструктура за заедничката Меѓународна лунарна истражувачка станица, што Русија ја развива во соработка со Кина.

„Овој проект претставува важен чекор кон создавање трајно функционална научна лунарна станица и премин од еднократни мисии кон долгорочна програма за истражување на Месечината“, соопштија од Роскосмос.

Иако во официјалното соопштение експлицитно не е наведено дека станува збор за нуклеарна електрана, Роскосмос информира дека меѓу партнерите во проектот се Росатом и Курчатов институт, што укажува дека енергетското решение ќе се темели на нуклеарна технологија.

Русија со децении се претставува како една од водечките сили во истражувањето на вселената, уште од моментот кога советскиот космонаут Јуриј Гагарин во 1961 година стана првиот човек што отпатувал во вселената. Сепак, во последните децении Москва заостанува зад Соединетите Американски Држави и сè повеќе зад Кина, особено во развојот на нови технологии и комерцијални лансирања.

Руските амбиции претрпеа сериозен удар во август 2023 година, кога беспилотната мисија Луна-25 се урна на површината на Месечината при обид за слетување. Во меѓувреме, приватниот сектор, предводен од компании како SpaceX, значително го промени глобалниот вселенски пазар и ги намали трошоците за лансирање – област во која Русија некогаш имаше доминантна улога.

Покрај Месечината, руските планови вклучуваат и истражување на Венера. Шефот на Роскосмос, Дмитриј Баканов, во јуни изјави дека една од клучните цели на корпорацијата е поставување нуклеарна електрана на Месечината и продолжување на истражувањата на Венера, често нарекувана „сестринска планета“ на Земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни