Русија нуди посредување меѓу САД и Иран по неуспешните преговори

По неуспешните преговори меѓу САД и Иран во Исламабад, Русија изрази подготвеност да посредува за постигнување мировно решение на Блискиот Исток. Владимир Путин понуди дипломатска помош во новиот геополитички баланс.

Рускиот претседател Владимир Путин одржал телефонски разговор со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан по неуспешниот круг преговори меѓу Соединетите Американски Држави и Иран во Исламабад. Во разговорот, Путин ја нагласил подготвеноста на Руската Федерација да помогне во изнаоѓање политичко и дипломатско решение за кризата на Блискиот Исток. Според соопштението од Кремљ, Русија е подготвена да дејствува како посредник во напорите за постигнување „праведен и траен мир“.

Неуспехот на американско-иранските преговори доаѓа по повеќе од 21 час интензивни разговори, кои завршиле без конкретен договор. Главната точка на спор останал Ормускиот теснец, стратешки клучен поморски премин низ кој минува голем дел од светската нафта.

Вашингтон барал целосно отворање на теснецот за слободен поморски сообраќај, додека Техеран инсистирал на задржување на контрола врз преминот. И покрај посредничките напори на Пакистан и првичните сигнали за можен напредок, преговорите пропаднале, а двете делегации го напуштиле Исламабад без договор.

Овој дипломатски застој дополнително ги зголемува тензиите меѓу Вашингтон и Техеран, додека Русија се позиционира како потенцијален клучен медијатор во новата фаза на геополитичките преговори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни