Русија го блокира пристапот до исклучително популарната гејминг-платформа Roblox, наведувајќи дека причините се загриженост за безбедноста на децата, екстремистички содржини и присуство на материјали поврзани со ЛГБТ теми. Одлуката ја донесе руската агенција за надзор на медиумите — Роскомнадзор, пренесува BBC.
Официјално образложение: екстремизам и непристоен материјал
Според локалните медиуми, регулаторот изјавил дека Roblox е преполн со „непримерен содржини кои можат негативно да влијаат на духовниот и моралниот развој на децата“. Како проблематични се наведени содржини поврзани со тероризам и информации за ЛГБТ теми, кои во Русија се класифицирани како екстремистички и законски забранети.
Роскомнадзор тврди дека на серверите на Roblox често се појавуваат сценарија што симулираат терористички напади, како и содржини поврзани со коцкање. Дополнителни причини за блокадата се и пријавите за сексуално вознемирување деца и споделување интимни фотографии на платформата.
Реакција од Roblox
Портпаролот на Roblox изјави дека компанијата ги почитува законите на земјите каде што работи и дека платформата нуди „позитивен простор за учење“.
„Длабоко сме посветени на безбедноста и имаме силен систем на проактивни и превентивни мерки за откривање и спречување штетни содржини“, соопштија за BBC.
Проблеми ширум светот
Roblox, кој им овозможува на корисниците сами да креираат и споделуваат игри — што ја отежнува контролата на содржината — е една од најсимнуваните мобилни игри во Русија во последните години. Но, ова не е првпат платформата да се соочи со критики. Поради загриженост за безбедноста на децата веќе е забранета во неколку земји, меѓу кои и Турција.
Во Сингапур во 2023 година властите открија дека сам радикализиран тинејџер се приклучил на сервери со тематика поврзана со ИСИС. Минатиот месец, државниот обвинител на Тексас, Кен Пакстон, ја тужеше компанијата, обвинувајќи ја за „флагрантно игнорирање“ на законите за безбедност и „измамување на родителите“ во врска со ризиците за децата.
Како одговор на долгогодишните критики, Roblox овој месец најави дека ќе ја укине можноста децата да разговараат со возрасни странци на платформата.
