Утре, (недела 28.09.2025) во Молдавија се одржуваат веројатно најважните избори од независноста на земјата во 1991 година.
Од една страна, Москва прави сè за да ја оддалечи земјата од нејзиниот европски курс и да ја врати под свое влијание, од друга пак, проевропската партија на претседателката Маја Санду, Партијата за акција и солидарност (ПАС), останува доминантна политичка сила во земјата.
Изборната кампања ја истакна длабоката реорганизација на внатрешните поделби – меѓу проевропските и проруските сили – и на надворешните, во контекст на војната во Украина и обидите на Москва да интервенира, пишува во анализата на Францускиот институт за меѓународни односи (Institut français des relations internationales – IFRI).
На 27 август, по повод Националниот ден на Молдавија, Кишињев прими висока европска делегација, меѓу кои и Емануел Макрон, Фридрих Мерц и Доналд Туск, кои ја потврдија својата поддршка за суверенитетот на земјата и нејзиниот проевропски курс. Оваа невидена и многу симболична посета се одржа во критичен момент: Молдавија се соочува со одлучувачки парламентарни избори на 28 септември, чии последици ги надминуваат националните граници.
Изборната кампања, која се одржа помеѓу 29 август и 26 септември, ја истакна длабоката реорганизација на внатрешните поделби – меѓу проевропските и проруските сили – и на надворешните, во контекст на војната во Украина и обидите на Москва да интервенира. Гласањето, организирано според пропорционален систем со праг од 5% за партиите, 7% за коалициите и 2% за независните кандидати, ќе го одреди составот на парламентот од 101 место. Овие избори се оформуваат како клучни за геополитичката иднина на земјата, која се наоѓа помеѓу источната граница на ЕУ и Украина.
Што велат анкетите?
Оваа година испитувањата на јавното мислење се смета за несигурно и неточно. Речиси половина од гласачите, очигледно, сè уште се неодлучни и не знаат за кого ќе гласаат.
Сепак, либерално-конзервативната, проевропска, антикорупциска и за граѓански права партија – ПАС – би можела да го изгуби апсолутното мнозинство што го освои во 2021 година, иако веројатно ќе остане најсилната партија.
Две други изборни коалиции кои, според анкетите, ќе бидат претставени во новиот парламент се јасно проруски. Покрај „Блокот на патриоти“, постои и „Алтернативниот изборен блок“ на градоначалникот на Кишињев, Јон Чебан.
Лажни вести и закани од рускиот абмасадор како вовед во изборниот процес
„Нашата партија“ (ПН) на бизнисменот Ренато Усати, кој некогаш се збогатил во Русија, исто така има шанса да влезе во парламентот. Усатиј е политички авантурист и популист кој е тешко програмски да се дефинира. Таа би можела да стане одлучувачки фактор по изборите и да одреди дали земјата ќе задржи проевропска влада или ќе добие проруска.
Со оглед на оваа констелација, претседателката Маја Санду ги прогласи изборите за најважни од независноста во 1991 година и предупреди на можен „пораз на демократијата“. Потоа „Русија ќе нè дестабилизира и ќе нè искорени од Европа“, рече Санду.
Прорускиот спектар всушност не се труди да го негира тоа. Додон и неговиот Патриотски блок отворено се залагаат за крај на проевропскиот курс и враќање во Заедницата на независни држави околу Русија, како и во Евроазиската унија.
Пред неколку дена, рускиот амбасадор во молдавскиот главен град Кишињев, Олег Осеров, упати цинична закана: Русија, рече тој, е посветена на зачувување на територијалниот интегритет и неутралноста на Молдавија. Примерот на Украина покажува што би се случило ако се откаже од својот неутрален статус, додаде тој.
Заедно со типичните проруски наративи, во многу видеа на социјалните мрежи моментално се тврди дека „режимот“ на Маја Санду е олицетворение на корупцијата и дека владејачката ПАС турка стотици илјади луѓе во сиромаштија.
Сепак, токму Санду и ПАС, која таа ја основа, водеа решителна борба против корупцијата за прв пат откако Молдавија стекна независност. Руската војна против Украина ја турна Молдавија во тешка економска криза, првенствено поради драстичното зголемување на цените на енергијата и прекинот на испораките на руски гас од почетокот на 2025 година.
Поранешниот претседател Додон, кој самиот е осомничен за корупција во неколку случаи, воопшто не е импресиониран од овие факти. Кога станува збор за жолтата боја на партијата ПАС, нејзиниот главен слоган во изборната кампања гласи: „Жолтата чума мора да исчезне!“