Во Градскиот парк во Скопје започна рушење на старите дискотеки на локацијата предвидена за изградба на луна парк.
На снимката се гледа градежна механизација како ги урива објектите што со години беа затворени и делумно руинирани. Станува збор за просторот на поранешните дискотеки во Градскиот парк, кој подолг период беше нефункционален.
Според објавените информации, расчистувањето на теренот е дел од подготовките за реализација на проектот за луна парк на оваа локација. Луна паркот во изминатите години беше најавуван како дел од плановите за уредување на овој дел од паркот, но без конкретна временска рамка за почеток на градежните работи.
Со започнувањето на рушењето, се отвора простор за следната фаза – подготовка на теренот за евентуална изградба. Во моментот нема објавено дополнителни детали за роковите, вредноста на инвестицијата или динамиката на реализација на проектот.
Се очекува надлежните институции да излезат со дополнителни информации за текот на активностите и планот за изградба на луна паркот на локацијата во Градскиот парк.
