Рурален туризам: Извонредна можност за селските домаќинства

Кај руралниот туризам важни се традицијата, културните вредности, односот кон природата, спецификите на одреден простор, историјата, но клучен носител на толкувањето на сите вредности е човекот. Истовремено, руралниот туризам е важен во активирањето и одржливиот развој на руралните средини бидејќи помага во зачувување на локалниот идентитет, традиции и обичаи, ја штити животната средина, го зајакнува автохтоното, традиционалното и еколошкото производство и го помага развојот на руралните средини засновани на одржливи развој.

Да се занимаваш со рурален туризам на прв поглед е многу едноставно. Сепак, да пречекаш гости и да креираш туристичка понуда е напорна и интензивна работа која бара многу лична посветеност и пожртвуваност. Интересен е фактот дека се повеќе туристи сакаат да престојуваат во руралните туристички дестинации, се повеќе од нив се одлучуваат за пократки патувања и престој во уникатна природна средина, далеку од градската гужва, запознавање на културата и обичаите во разни места, дегустација на традиционални специјалитети, локална храна и пијалоци.

Интерес привлекуваат новите сеуште неоткриени дестинации како и подрачјата кои не се доволно развиени. Со користење на стимулации кои се актуелни преку Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство со поддршка од ИПАРД 3 има можност да инвестирате во Рурален туризам. Доколку планирате да инвестирате во рурален туризам, Мерка 7 од ИПАРД 3 програмата е токму за вас, бидејќи преку неа имате можност да добиете поврат на средстства во висина од 60% од инвестицијата.

За руралниот туризам може да се каже дека претставува релативно нова туристичка дејност која има свои предности а целта е да се врати човекот на традиционалните вредности и природната средина. Во исто време, важно е да се напомене дека руралниот туризам не се појавил само како потреба од нови туристички капацитети, туку за зачувување и ревитализација, односно заживување и обезбедување на нова дополнителна вредност на наследеното наследство и автентичната промоција на традиционалните знаења и вештини преку организацијата на атрактивна и оригинална туристичка понуда. Како една од главните задачи на руралниот туризам, акцентот е ставен да им се даде шанса на руралните жители за подобра заработка и спречување на емиграцијата на младите од руралните средини. Во руралниот туризам им се овозможува на домаќините да ги ангажираат сите членови на домаќинството, како и да продаваат производи од сопствено производство.

Нашава мала земја им должи на своите села и на нивните жители да ја зачуваат разновидноста на пејзажот и културата, како и на природното наследство. Имаме многу реки, безброј притоки и потоци, многу планини, долини, ливади и шуми со живот кој пулсира во секоја пора на земјата, секоја капка вода. Македонското богатство е во нашите села, во традицијата која го негува природното и културното наследство на различните пејсажи и луѓе.

Дипл. земј. инжинер – Билјана Наумовска Тошевски

Извор: agrotim.mk

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни