Радев ја напушта функцијата, но не и политиката

Бугарскиот претседател ја напушта функцијата со порака за нова политичка етапа, во пресрет на предвремени парламентарни избори што би можеле да го променат политичкиот курс на земјата.

Бугарскиот претседател Румен Радев објави дека поднесува оставка од функцијата, потег што во Бугарија се толкува не како политичко повлекување, туку како стратегиски чекор кон преземање на извршната власт преку претстојните предвремени парламентарни избори.

Во своето последно обраќање како шеф на државата, Радев побара прошка од граѓаните и јавно ги призна сопствените пропусти. „Денеска ви се обраќам последен пат како претседател на нашата Бугарија. Најнапред, ве молам за прошка. Ги признавам своите грешки и знам што не успеав да реализирам“, изјави Радев.

Истовремено, тој најави влез во нова политичка фаза. „Верата дека заедно можеме да успееме е една од главните причини за мојата одлука да поднесам оставка. Нè очекува битка за иднината на татковината“, порача тој, без директно да ја потврди кандидатурата, но јасно алудирајќи на премиерска амбиција.

Радев, поранешен генерал на бугарското воено воздухопловство, од 2017 година наваму именуваше дури седум технички влади, како резултат на долгогодишната политичка нестабилност и неможноста за формирање стабилно парламентарно мнозинство.

Политички аналитичари оценуваат дека Радев во моментов е најпопуларниот политичар во земјата и дека има реални шанси да состави влада. Според аналитичарот Руслан Стефанов, ваков развој би можел да донесе значајни промени во бугарската надворешна политика, особено во однос на поддршката за Украина.

Засега не е познат точниот временски распоред за изборите, ниту како оставката ќе влијае врз институционалниот баланс во земјата во наредниот период.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни