Американскиот државен секретар Марко Рубио, во посета на Словачка, нагласи дека САД не бараат од своите европски сојузници да бидат вазали, туку сакаат силни партнери кои ќе преземат повеќе одговорност. Тој се сретна со словачкиот премиер Роберт Фико во Братислава, во рамки на својата двонеделна турнеја низ Централна Европа, која продолжува во Унгарија со средба со премиерот Виктор Орбан.
Рубио, кој претходно учествуваше на Минхенската безбедносна конференција, одговарајќи на прашања за повлекувањето на ограничен број американски трупи од Европа, истакна дека тоа не значи повлекување од НАТО, туку прераспределба на војници, и дека целта е Европа да биде помалку зависна, а посилна – за зајакнување на целиот сојуз. „Не сакаме Европа да биде зависна од нас, сакаме да бидеме ваши партнери. Колку посилна е Европа, толку посилен е НАТО“, порача Рубио.
Премиерот Фико критикуваше дел од политиките на ЕУ кон Украина, истакнувајќи дека финансиската и воената помош за Киев само ќе го продолжат конфликтот и ќе ја зголемат смртноста на двете страни. Тој посочи дека Словачка, заедно со Унгарија и Чешка, се воздржала при гласањето за пакетот од 90 милијарди евра за Украина на декемвриската самит на ЕУ.
Фико остро ја критикуваше и одлуката на ЕУ да ја прекине зависноста од руски фосилни горива до 2027 година, наведувајќи дека тоа ќе предизвика сериозни економски проблеми за неговата земја, бидејќи Словачка нема LNG терминали. Тој ја критикуваше и употребата на енергетските прашања од страна на Украина како политичко уценирање кон Унгарија и Словачка.
Рубио ја нагласи важноста на Централна Европа за стратегиската соработка на администрацијата на Доналд Трамп со Европа во неговиот втор мандат. По средбата во Словачка, Рубио ќе отпатува во Унгарија за разговори со Орбан за билатерални односи, енергетска соработка и мировни процеси за глобални конфликти. Орбан, кој е истакнат критичар на ЕУ и поддржувач на Трамп, веќе доби исклучок од САД за увоз на руски гас во рамки на енергетскиот договор со Чеврон.