Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека САД очекуваат воената операција во Иран да заврши во рок од неколку недели, а не месеци.
Изјавата доаѓа по состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Франција, каде што се разговарало за безбедносната состојба и регионалните ризици.
Рубио оцени дека САД се на добар пат да ги постигнат своите цели во Иран, додавајќи дека операцијата не мора да биде долготрајна за да биде успешна.
Тој нагласи дека евентуалната наплата за пролаз низ Ормускиот теснец, каква што најавува Иран, би била неприфатлива за меѓународната заедница.
Во однос на улогата на Русија, Рубио изјави дека во моментов нема активности од Москва кои би влијаеле на американската операција во Иран.
На прашањето за можноста за копнена инвазија, тој рече дека САД имаат капацитет да ги постигнат целите и на тој начин, но дека ќе се разгледуваат сите опции во зависност од развојот на ситуацијата.
Рубио додаде дека по завршувањето на конфликтот ќе биде потребна меѓународна коалиција за обезбедување на Ормускиот теснец, при што САД се подготвени да учествуваат и ги охрабруваат и другите земји да се приклучат.