Според соопштението на Стејт департментот, САД ќе ги претставува заменикот државен секретар Кристофер Ландау.
Отсуството на Рубио се случува во период кога Вашингтон и Киев се обидуваат да ги надминат разликите во врска со планот на американскиот претседател Доналд Трамп за завршување на војната во Украина, додека неколку европски држави се жалат дека се исклучени од процесот.
Како што потсетува Ројтерс, министрите за надворешни работи на НАТО се состануваат двапати годишно и реткост е американски државен секретар да не присуствува на тие средби. Во првиот мандат на Трамп, тогашниот државен секретар Рекс Тилерсон планираше да го прескокне состанокот во април 2017 година, но средбата беше одложена за да се вклопи во неговиот распоред.
Од Стејт департментот велат дека Трамп ја „ревитализирал“ алијансата и потсетуваат дека Рубио неодамна имал средби со европски официјални претставници во Швајцарија и Женева. Тие додаваат дека Рубио водел десетици разговори со претставници на земјите членки, оценувајќи дека е „непрактично“ да се очекува негово присуство на секоја средба.
Европските и украинските претставници изразуваат загриженост дека би можеле да бидат принудени да прифатат договор за Украина кој повеќе би одговарал на руските интереси. Воедно, отсуството на Рубио го отвора прашањето за посветеноста на САД кон безбедноста на Европа – особено имајќи предвид дека претседателот Трамп често ја доведуваше во прашање потребата од постоење на НАТО, иако во јуни ја потврди својата поддршка.
На утрешниот состанок местото на Рубио ќе го заземе Ландау, кој во јуни ја доведе во прашање неопходноста од алијансата во објава на Х, што подоцна ја избриша.
Извор:N1info.rs
