Рубио во Минхен: Америка и Европа – нераскинлива врска

Американскиот државен секретар за трансатлантските односи и повик за нов правец во меѓународната политика

Американскиот државен секретар Marco Rubio изјави на Минхенската безбедносна конференција дека Соединетите Американски Држави и Европа се нераскинливо поврзани и дека „си припаѓаат една на друга“. Истовремено повика на реформа на меѓународните институции и упати критики кон слободната трговија, климатските политики и масовните миграции.

Рубио говореше во време на зголемена загриженост меѓу европските лидери, кои стравуваат дека САД под администрацијата на Donald Trump постепено се дистанцираат од Европа по период на трансатлантски тензии, пренесува BBC.

На почетокот од своето обраќање се осврна на периодот по падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, оценувајќи дека идејата за свет без граници била „опасна заблуда“ и „глупава идеја“ која ги игнорирала човечката природа и историските искуства. „Тоа нè чинеше скапо“, рече тој.

„САД и Европа си припаѓаат една на друга“

И покрај критичките тонови, Рубио ги нагласи длабоките историски врски меѓу САД и Европа. „Соединетите Држави и Европа си припаѓаат една на друга. Судбината на Европа никогаш нема да биде неважна за нашата сопствена“, изјави, што беше проследено со аплауз од публиката.

Тој додаде дека Западот, додека други држави инвестирале во сопствените економии, постепено го препуштал својот суверенитет на надворешни извори. Особено ги критикуваше климатските политики, опишувајќи ги како мерки што „му угодуваат на климатски култ“ и „ги осиромашуваат народите“, додека конкурентите инвестирале во енергетски ресурси како нафтата.

„Овие грешки ги направивме заедно“

Осврнувајќи се на миграциите, Рубио изјави дека Западот се отворил кон бран без преседан кој, според него, претставува ризик за иднината. „Овие грешки ги направивме заедно“, рече, додавајќи дека САД и Европа им должат на своите граѓани нов правец и обнова.

„Под Трамп, САД планираат да ја преземат задачата на обновата. Подготвени сме, доколку е потребно, тоа да го направиме и сами, но претпочитаме да го сториме заедно со вас“, им порача на европските лидери. Тој заклучи дека САД и Европа претставуваат една заедничка западна цивилизација поврзана со економски и културни врски, нагласувајќи: „Европа мора да опстане.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни