Руанда ја суспендира белгиската програма за помош поради коментарите за војната во Конго

Белгија ја налути Руанда осудувајќи ја нејзината улога во поддршката на бунтовниците М23 во источна Демократска Република Конго

Руанда ја прекина билатерална програма за помош за 2024-2029 година со Белгија, по критиките на Брисел за вмешаноста на главниот град на Руанда, Кигали во тековниот конфликт во источна Демократска Република Конго (ДРК). Во соопштението коешто го објавија властите на Руанда, се тврди дека Брисел го саботира нивниот пристап до „развојни финансии, вклучително и во мултилатералните институции“. Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Руанда додаде дека Белгија има право да избере страна во конфликтот во ДРК, но треба да престане да го „политизира развојот“.

Белгискиот вицепремиер Максим Прево на мрежата Х објави дека белгиската влада ја добила одлуката на Руанда.

„Ние сме посветени на професионален процес на суспензија што ги зачувува придобивките од нашата долгогодишна соработка за доброто на народот на Руанда“, напиша тој.

„Решени сме да продолжиме со нашите напори за подигање на свеста и мобилизирање на меѓународната заедница за изнаоѓање мирно решение за конфликтот на истокот на ДРК, врз основа на меѓународното право“, додаде тој.

Инаку, Белгија ја обвинува Руанда за поткопување на територијалниот интегритет на ДРК со поддршка на бунтовниците М23, кои зазедоа два големи града на истокот на земјата во последните неколку недели.

Борбите во источниот дел на ДРК се дел од повеќедеценискиот конфликт кој има свои корени во етничките тензии. Борците М23 поддржани од Руанда велат дека ги штитат правата на етничката група Тутси во регионот. Сепак, владата на ДРК ја обвинува Руанда дека ги поддржува бунтовниците во обид да ја преземе контролата врз регионот богат со минерали.

Борците М23 го зазедоа Гома, најголемиот град во регионот, на крајот на јануари, пред да го заземат Букаву, главниот град на провинцијата Јужен Киву, изминатиот викенд.

Во меѓувреме, ЕУ размислува дали да го замрзне договорот за минерални ресурси со Руанда поради нејзината вклученост во ДРК.

Обединетите Нации, пак, од своја страна, ги обвинуваат бунтовниците поддржани од Руанда за убивање деца во ДР Конго. Во изјавата, високиот комесар на ОН за човекови права Фолкер Турк рече дека неговата канцеларија „потврдила случаи на погубување на деца од страна на М23 откако тие влегле во градот Букаву минатата недела“.

Во изјавата на шефот за човекови права не се дадени конкретни детали, но ОН претходно ги обвинија и конгоанските владини сили и бунтовниците М23 за регрутирање деца војници.

Претходно овој месец, Советот за човекови права на ОН започна истрага за злосторствата извршени од двете страни, вклучително и силувања и убиства.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни