Насилството врз новинарите во Србија, за кое неодамна алармираше организацијата Репортери без граници (RSF), достигна тажен нов рекорд. Според нив, во последните два месеца забележани се 34 физички напади врз новинари, кои биле нападнати од страна на политички активисти и припадници на полицијата додека известувале за антикорупциските протести.
RSF нагласува дека овој број ги надминува сите досегашни годишни статистики за физички напади во Србија, барем од 2020 година наваму.
Еден од најнасилните напади на српски новинари се случил на 13 август, кога главниот и одговорен уредник на порталот Разглас, Жарко Богосављевиќ, и новинарот Никола Билиќ од медиумот Нови Сад 192, биле брутално претепани со метални прачки од страна на поддржувачи на владејачката Српска напредна странка (SNS). Никола Билиќ, кој добил повреди на главата, завршил на ургентното одделение. Според RSF, од 1 јули до 25 август, забележани се 34 физички напади врз новинари, фоторепортери и сниматели, од кои голем дел известувале за протестите кои се одржале поради колапсот на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година.
Од овие 34 напади, 14 биле извршени од насилни поддржувачи на SNS, додека останатите 20 напади биле извршени од припадници на полицијата. Бројот на напади во овие два месеца го надминува двојно бројот на напади забележани во текот на целата 2024 година (17 напади).
RSF, исто така, истакнува дека во текот на 2025 година веќе се регистрирани 65 случаи на насилство врз новинари, што е невиден број според податоците на Независното здружение на новинари на Србија (НУНС), кое ги води статистиките од 2008 година.
“Овој број на напади е неподнослив. Српските новинари се постојано изложени на насилство и закани. Потребна е итна реакција на Европската унија. Повикуваме на силна осуда од страна на Европскиот парламент и влијателни земји како Германија и Франција. Српската влада мора да разбере дека ваквото назадување е несовладиво со нејзината амбиција да се приклучи кон ЕУ”, изјави Павол Салај, шеф на RSF за ЕУ и Балкан.
RSF потсетува дека напади врз новинари, како и јавни закани со смрт, често се поттикнувани од изјавите на српскиот претседател, Александар Вучиќ, и од страна на провладините таблоиди. Од декември 2024 година, се изнесуваат неосновани обвинувања дека протестите и независните медиуми се финансирани од западни земји за да организираат “државен удар”. Во јуни 2025 година, претседателот Вучиќ ги нарече телевизиските канали N1 и Nova S “терористи” поради нивното храбро известување за протестите.
RSF повеќепати ја осуди зголемената репресија врз новинарите, политичкиот притисок врз медиумите и поддршката на владата за руската пропаганда, наместо за заштита на слободата на медиумите.
Србија се наоѓа на 96-то место на Светскиот индекс на слобода на медиуми за 2025 година, што ја става во предпоследната позиција во зоната ЕУ-Балкан.
RSF ги повикува земјите на Европската унија, како и влијателни европски нации, да реагираат на овој рекорден број напади и да испратат јасна порака до српските власти.
Извор: N1info.rs