Арсенал го победи Евертон и избега на +10 пред Манчестер Сити

Арсенал со 2:0 го совлада Евертон и избега на десет бода предност на врвот на Премиер лигата. 16-годишниот Макс Доуман испиша историја.

Арсенал во драматична завршница го совлада Евертон со 2:0 и избега на десет бода предност пред Манчестер Сити на врвот на Премиер лигата. Победата за тимот на Микел Артета ја донесоа Виктор Ѓокереш со гол во 89. минута и младиот Макс Доуман, кој во судиското продолжение го постави конечниот резултат и влезе во историјата како најмлад стрелец во лигата.

Поголем дел од второто полувреме Арсенал се мачеше да ја пробие цврстата одбрана на гостите. Играта се сведе на постојан притисок пред голот на Евертон, при што играчите во сините дресови стоеја длабоко во одбраната, а домаќините тешко создаваа вистински шанси.

Тимот на Дејвид Мојс, познат по својата тактичка дисциплина, успешно го фрустрираше Арсенал и го ограничуваше главно на удари од далечина. Еден таков обид на Еберечи Езе го одбрани голманот Џордан Пикфорд.

Како што одминуваше времето, нервозата на „Емирати“ растеше. Домашните навивачи стануваа сè понестрпливи, а Микел Артета се обидуваше со аплауз да ја смири атмосферата.

Во 61. минута шпанскиот тренер направи двојна измена. Од игра ги повлече Каи Хаверц и Нони Мадуеке, а на теренот влегоа напаѓачите Виктор Ѓокереш и Габриел Мартинели.

Во 74. минута Артета го повлече и последниот потег, кога во игра го внесе 16-годишниот Макс Доуман на местото на Мартин Зубименди.

Притисокот конечно вроди со плод во 89. минута. Младиот Доуман уфрли топка во шеснаесетникот, каде по катастрофалната интервенција на голманот Пикфорд, Пјеро Хинкапи ја пренасочи до Виктор Ѓокереш, а шведскиот напаѓач од непосредна близина погоди за водство и ерупција од воодушевување на стадионот.

Четвртиот судија покажа шест минути судиско продолжение, а во последните секунди пристигна и потврдата на победата. Макс Доуман постигна гол за 2:0 и со тоа стана најмладиот стрелец во историјата на Премиер лигата.

Со оваа победа Арсенал создаде предност од десет бода пред второпласираниот Манчестер Сити, кој има два натпревари помалку.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни