Министерството за одбрана на Романија објави дека ќе купи француски системи за воздушна одбрана „Мистрал“ во вредност од над 626 милиони евра, како дел од заеднички договор за набавка со неколку други земји од Европската Унија.
Министерството соопшти дека во вторникот потпишало договор со француското Министерство за одбрана за купување на 231 преносни системи за воздушна одбрана „Мистрал“ (MANPADS), произведени од производителот на ракети MBDA, и 934 ракети, заедно со обука, симулатор и логистика.
Во соопштението не е наведено кога ќе биде испорачана опремата. Романските пратеници првпат го одобрија планот за набавка во 2022 година.
Романија, членка на ЕУ и НАТО, дели копнена граница од 650 км со Украина, а откако Русија почна да ги напаѓа пристаништата на Киев од другата страна на Дунав, беспилотните летала постојано го нарушуваат нејзиниот воздушен простор, а фрагменти од беспилотни летала слетаа на нејзина територија.
Воздушната одбрана на Романија моментално вклучува борбени авиони Ф-16, системи „Патриот“, ракетни лансери „ХИМАРС“ на „Локид Мартин“, јужнокорејски ракети земја-воздух со краток дострел „Чирон“ и германски противвоздушни топови „Гепард“.
Земјата, исто така, има намера да соработува со Украина во изградбата на беспилотни летала во рамките на новиот механизам за финансирање на одбраната на Европската унија.
Романија е исто така во завршна фаза од распоредувањето на новиот систем против дронови „Меропс“, испорачан од САД, потврдија романски и американски одбранбени претставници.
