Романија крена борбени авиони Ф-16 поради руски дронови

Радари детектирале рој руски дронови кон украинските пристаништа на Дунав, во близина на романската граница

Романската војска во четвртокот навечер подигнала во воздух два борбени авиони Ф-16, откако радарските системи детектирале „роеви“ руски дронови кои се движеле кон украинските пристаништа на реката Дунав, во непосредна близина на границата со Романија.

Жителите на округот Тулча добиле итни предупредувања преку системот RO-Alert, со препорака да останат во своите домови поради можност делови од дронови да паднат на романска територија, пренесуваат локалните медиуми.

RO-Alert е национален систем за предупредување на граѓаните во итни ситуации, кој се користи при природни катастрофи, безбедносни закани и други настани што можат да го загрозат животот и здравјето на населението, а функционира преку автоматско испраќање пораки на мобилните телефони во погоденото подрачје.

Предупредувањето било издадено околу 1 часот по полноќ, меѓу четврток и петок, кога радарите регистрирале движење на дронови кон украинските дунавски пристаништа, што претставувало потенцијален ризик за населбите во Романија во близина на границата со Украина.

Романските власти соопштија дека не биле евидентирани паднати објекти од воздушниот простор, ниту други вонредни ситуации. Како што наведуваат, евидентиран бил само еден повик од околината на Тулча, во кој граѓани побарале дополнителни информации за силните звуци предизвикани од експлозии.

Воздушната мисија траела речиси два часа, во текот на кои воените пилоти постојано го надгледувале регионот. Од Министерството за национална одбрана на Романија соопштија дека за време на операцијата не биле забележани неовластени навлегувања во националниот воздушен простор и дека авионите безбедно се вратиле во базата и слетале околу 3:15 часот наутро.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни