Во романска ледена пештера откриен 5000 години старa бактерија отпорна на антибиотици

Истражувачите утврдиле дека сојот на бактеријата, Psychrobacter SC65A.3, носи над 100 гени поврзани со антимикробна резистенција

Во длабок леден слој на пештерата Скариșоара во Романија, научници откриле сој бактерија стар околу 5000 години кој покажува отпорност на повеќе современи антибиотици. Откритието, објавено во списанието Frontiers in Microbiology, може да придонесе за подобро разбирање на антимикробната резистенција и развој на нови терапии.

Станува збор за сојот Psychrobacter SC65A.3, изолиран од слој мраз стар околу 5000 години во една од најголемите европски ледени пештери. Ледениот блок во пештерата има волумен од околу 100.000 кубни метри и се проценува дека е стар приближно 13.000 години.

Според д-р Кристина Пуркареа од Институтот за биологија при Романската академија, сојот покажал отпорност на 10 современи антибиотици од осум различни класи. Овие антибиотици денес се користат во орални и инјективни терапии за лекување сериозни бактериски инфекции, вклучително и туберкулоза, колитис и уринарни инфекции.

Геномската анализа покажала дека сојот носи повеќе од 100 гени поврзани со резистенција, како и речиси 600 гени со засега непозната функција. Истражувачите утврдиле и 11 гени кои потенцијално можат да го запрат растот на други бактерии, габи и вируси.

За да го изолираат сојот, научниците издлабиле дупка длабока 25 метри во мразот и во стерилни услови ги транспортирале примероците во лабораторија. Таму биле изолирани различни бактериски соеви и секвенционирани нивните геноми. Со тестирање на 28 антибиотици од 10 класи, истражувачите утврдиле на кои лекови сојот покажува отпорност и дали предвидените генетски механизми се поврзуваат со реална резистенција.

Наодите укажуваат дека антимикробната резистенција постоела во природата илјадници години пред појавата на современите антибиотици. Според авторите, ова потврдува дека отпорноста не е исклучиво последица на клиничката употреба на лекови, туку и природен еволутивен процес.

Истовремено, научниците предупредуваат дека топењето на мразот поради климатските промени може да ослободи древни микроорганизми и нивните гени за отпорност, кои потенцијално би можеле да се пренесат на современи бактерии.

Од друга страна, истражувачите истакнуваат дека ваквите микроорганизми произведуваат уникатни ензими и антимикробни соединенија кои би можеле да послужат како основа за развој на нови антибиотици и биотехнолошки решенија.

Според податоците на Светската здравствена организација, антимикробната резистенција претставува еден од водечките глобални здравствени предизвици и е поврзана со милиони смртни случаи годишно.

Истражувачите нагласуваат дека е потребно внимателно лабораториско ракување со древните соеви за да се минимизира ризикот од неконтролирано ширење. Понатамошните анализи на геномот би можеле да откријат нови механизми на отпорност и потенцијални терапевтски примени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни