Романија прогласи воздушна тревога откако беа регистрирани руски дронски напади врз Украина во непосредна близина на романската граница. Жителите на окрузите Тулча и Галац добија итно предупредување преку националниот систем RO-ALERT, соопшти романското Министерство за национална одбрана.
„Во ноќта меѓу понеделник и вторник беа забележани нови напади со дронови на територијата на Украина, во близина на границата со Романија“, се наведува во официјалното соопштение на Министерството.
Според информациите, радарските системи на романската армија во 1:10 часот по локално време детектирале два дрона кои се движеле кон украинските градови Рени и Чилија. Шеснаесет минути подоцна, во 1:26 часот, населението во северниот дел на округот Тулча и југоисточниот дел на округот Галац било предупредено преку системот за итни известувања.
Романските власти наведуваат дека внимателно ја следат состојбата и дека сите мерки се преземаат во согласност со безбедносните протоколи, со цел заштита на населението и националниот воздушен простор. Засега нема информации за штети или повредени на територијата на Романија.