Роман на годината за 2024 е „Светот што го избрав“ на Калина Малеска

Лауреат на наградата „Роман на годината“ за 2024 година е романот „Светот што го избрав“ од Калина Малеска, во издание на „Или-или“. Одлуката беше соопштена денеска на прес-конференцијата што се одржа во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје.

„Ова е шести пат Или – Или да добие признание „Роман на годината“. Долго време работиме со македонски автори кои не се доволно познати и афирмирани, и ова признание е значајно за издавач кој е особено посветен на издавање на македонска литература. Со тоа создаваме значаен дел од македонската книжевна сцена. Оваа година ни беше особено успешна и по продукција и по квалитет, што се виде и низ селекциите за изборот на Роман на годината, имавме седум романи кои сите ја поминаа првата селекција, пет влегоа во втората селекција од осум наслови. Во последниот круг имавме избор од три одлични книги. „Светот што го избрав“ од Калина Малеска е многу значен и ќе стане бележит роман во историјата на македонската книжевност“, изјави Ненад Стевовиќ за Трн.мк.

Во најтесниот избор за наградата што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, годинава влегоа и романите: „Простување“ од Кица Колбе („Или-или“) и „И ѕирка и проѕирка“ од Огнена Никуљски („Антолог“).


Жири-комисијата, во состав Лидија Димковска, Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј ал-Асади и Катерина Богоева, одлучи наградата да му припадне на делото на Малеска, кое се истакна со својата оригиналност, книжевна вредност и тематска длабочина.

Наградата „Роман на годината“ се доделува по 26. пат, а на конкурсот годинава се пријавија 43 романи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни