Името на добитникот на престижната награда „Роман на годината“ ќе биде објавено во петок, на 13 март, во 13 часот. Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, која е организатор на конкурсот, за тој ден закажа прес-конференција во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје, каде што ќе биде соопштено кој автор и кој роман ја понеле титулата годинава.
Наградата „Роман на годината“, која се доделува по 27-ми пат, вклучува плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари. Генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а поддршка обезбедува и Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.
На конкурсот оваа година пристигнале 46 романи. По неколку селекциски кругови, жири-комисијата составена од Калина Малеска (минатогодишна добитничка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева од Фондацијата, го избра најтесниот круг од шест финалисти.
Во финалниот избор се најдоа романите: „Александар јава на запад“ од Венко Андоновски („Три“), „Необјавен фељтон“ од Владимир Илиевски („Македоника литера“), „Кривата Дијана: (роман за верижната вина)“ од Фросина Пармаковска („Арс Либрис“), „Фобос: деконструиран роман“ од Соња Станковска („Или – или“), „Три Марии: (роман – басма)“ од Оливера Ќорвезироска („Арс Либрис“) и „Повратник со две лица“ од Ивица Челиковиќ („Паблишер“).
Минатата година наградата „Роман на годината“ ја доби Калина Малеска за романот „Светот што го избрав“, објавен од издавачката куќа „Или – или“.