Ројтерс: Заврши политичкиот дел од преговорите меѓу Украина и Русија во Женева

Заврши политичкиот дел од трилатералните преговори меѓу Украина, Русија и САД во Женева. Воените разговори продолжуваат, а европски советници ги следат средбите на маргините.

Политичкиот дел од трилатералните мировни преговори меѓу Украина и Русија, со посредство на Соединетите Американски Држави, заврши денеска во Женева, додека воените претставници на двете страни продолжуваат со состаноците, јави Reuters, повикувајќи се на извор запознаен со разговорите.

Според истиот извор, разговорите се очекува да продолжат и утре.

Европски советници присутни на маргините

Советникот на украинскиот претседател Лешченко за Ukrinform изјави дека разговорите се одржале во присуство на европски советници за безбедност, иако тие не биле директно во преговарачката сала.

Тој прецизираше дека присутни биле претставници на Франција, Германија, Италија и Велика Британија, кои биле во постојан контакт со делегациите.

„Европа мора да биде на преговарачката маса, а патот на Украина кон ЕУ е неизбежен и корисен за двете страни“, изјави Лешченко.

Трамп: Украина што побрзо да седне на маса

Американскиот претседател Доналд Трамп, пред новата рунда разговори, порача дека Украина треба „што е можно побрзо да седне на преговарачката маса“.

РИА: Можни средби на европските советници со САД и Украина

Според извор за RIA Novosti, советниците за национална безбедност на Франција, Велика Британија, Германија и Италија би можеле да одржат одделни средби со тимовите на САД и Украина на маргините на разговорите во Женева.

Изворот наведе дека станува збор за трета преговарачка сесија, по претходните две одржани во Абу Даби.

Умеров: Фокус на безбедносни и хуманитарни прашања

Секретарот на украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана, Рустем Умеров, соопшти дека започнала нова рунда трилатерални разговори.

Тој истакна дека украинската делегација има јасен мандат договорен со претседателот Волдомир Зеленски.

„На дневен ред се безбедносни и хуманитарни прашања. Работиме конструктивно и фокусирано, без непотребни очекувања. Нашата цел е да ги унапредиме решенијата што можат да придонесат кон одржлив мир“, напиша Умеров на Фејсбук.

Тој ѝ се заблагодари на американската страна за ангажманот, како и на Швајцарија за организацијата на средбите.

Кремљ: Денеска не се очекуваат информации

Портпаролот на Кремљ, Песков, изјави дека денеска не треба да се очекуваат нови информации за преговорите, бидејќи продолжението е закажано за утре, пренесе TASS.

Руската делегација, предводена од претседателскиот советник Владимир Медински, пристигнала утрово во Женева, додека украинската делегација била таму од понеделник.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни