Ројтерс тврди дека ја реши мистеријата на Бенкси: Од Украина до старо апсење во Њујорк – откриен идентитетот на најпознатиот уличен уметник

Според нивното истражување, зад псевдонимот стои Робин Ганингем, уметник од Бристол роден во 1973 година. Ројтерс наведува и дека тој пред околу една деценија го променил името во Дејвид Џонс – едно од најчестите имиња во Велика Британија – со што практично исчезнал од јавните записи.

По повеќе од две децении шпекулации, истрага на агенцијата Ројтерс тврди дека конечно е откриен вистинскиот идентитет на најпознатиот мистериозен уличен уметник во светот – Бенкси.

Според нивното истражување, зад псевдонимот стои Робин Ганингем, уметник од Бристол роден во 1973 година. Ројтерс наведува и дека тој пред околу една деценија го променил името во Дејвид Џонс – едно од најчестите имиња во Велика Британија – со што практично исчезнал од јавните записи.

Истрагата се темели на комбинација од сведочења на луѓе кои соработувале со Бенкси, претходно необјавени судски документи и анализа на неговите движења низ годините. Клучниот доказ, според Ројтерс, бил пронајден во архивите на Полициската управа на Њујорк.

Станува збор за рачно напишана изјава потпишана од Робин Ганингем на 18 септември 2000 година, кога наводно бил уапсен додека цртал огромен билборд за брендот „Марк Џејкобс“ на покрив на зграда на улицата Хадсон. Бидејќи штетата била проценета на повеќе од 1.500 долари, случајот првично бил третиран како кривично дело.

Сепак, по потпишувањето на признанието, обвинението било намалено на прекршок за нарушување на јавниот ред и мир. Ганингем бил ослободен откако платил казна и извршил неколку дена општествено корисна работа.

Новинарската потрага за идентитетот на Бенкси повторно се интензивирала во 2022 година, кога уметникот потврди дека стои зад серијата мурали на урнатините од згради во и околу Киев, во Украина.

Во селото Хоренка, сведоци опишале како амбулантно возило пристигнало на местото, од кое излегле двајца маскирани мажи заедно со фотографот Џајлс Дули. Тие за кратко време насликале мурал – човек кој се капе во када меѓу урнатини – едно од најпознатите дела од таа серија.

Истражителите им покажувале фотографии на локалните жители со лица за кои се сомневале дека би можеле да бидат Бенкси. Трагите во почетокот воделе кон Роберт Дел Наја, фронтменот на бендот Massive Attack, кој во исто време бил во Киев. Со години кружат теории дека токму тој е Бенкси.

Сепак, според Ројтерс, Дел Наја всушност бил долгогодишен пријател на уметникот и повремен соработник во неговите акции.

Клучниот момент во истрагата дошол по увид во податоци за гранични премини, кои на новинарите им ги доставил анонимен извор. Записите покажувале дека Џајлс Дули и Роберт Дел Наја влегле во Украина од Полска на 28 октомври 2022 година.

На истиот граничен премин, истиот ден, во земјата влегол и човек по име Дејвид Џонс – со датум на раѓање што точно се совпаѓал со оној на Робин Ганингем.

Објавувањето на приказната предизвика реакција од тимот на Бенкси. Неговиот адвокат Марк Стивенс испратил писмо до Ројтерс во кое наведува дека неговиот клиент „не ја прифаќа точноста на многу детали од приказната“ и побарал текстот да не се објавува.

Тој предупредил дека ваквото откривање може да ја загрози приватноста и безбедноста на уметникот и да му наштети на јавниот интерес. „Работата под псевдоним ја штити слободата на изразување и им овозможува на авторите да ја кажат вистината на власта без страв од одмазда, цензура или прогон“, навел Стивенс.

И покрај тоа, Ројтерс одлучи да ја објави истрагата, со образложение дека јавноста има право да знае кој стои зад уметникот кој има огромно влијание врз културата, уметноста и политичкиот дискурс.

Инаку, уште во 2008 година британскиот „Mail on Sunday“ објави дека Бенкси е Робин Ганингем, но уметникот тогаш категорично ги негираше тврдењата, а доказите на весникот не беа сметани за доволно убедливи.

Анонимноста на Бенкси, која првично му служела за да избегне апсења за вандализам, со текот на времето стана дел од неговиот бренд. Неговата популарност го издигна над другите улични уметници, бидејќи додека тие се казнуваат за графити, делата на Бенкси често се зачувуваат, па дури и се третираат како културно наследство.

„Се чини дека едно правило важи за него, а друго за сите други. Кога ние го правиме тоа, тоа е вандализам. Кога Бенкси го прави тоа, тоа е уметност“, изјави уличниот уметник Дејвид Спид.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни