Ројтерс: Парализиран извозот на нафта од Венецуела поради политичката криза

Извозот на венецуелска нафта е целосно запрен по апсењето на Николас Мадуро и заострувањето на американските санкции, јавува Ројтерс.

Извозот на нафта од Венецуела, кој веќе беше драстично намален поради блокадата на американскиот претседател Доналд Трамп кон санкционираните танкери, денес е целосно парализиран.

Според извори блиски до операциите, капетаните на пристаништата не добиле барања за дозволи за испловување на бродови, што практично ја запрело трговијата, дознава Ројтерс.

И покрај претходните испораки кон Соединетите Американски Држави и Азија, неколку бродови што неодамна натовариле нафта не испловиле, додека некои што чекале на товарење заминале празни.

Во главното извозно пристаниште за нафта во Венецуела, Хосе, во саботата немало товарење, наведува специјализираната страница TankerTrackers.

Целосната обустава на извозот на нафта, вклучувајќи ги танкерите што ги користат државната компанија PDVSA и нејзиниот партнер „Шеврон“, би можела да доведе до намалување на производството на нафтените полиња, бидејќи складиштата и бродовите за пловечко складирање брзо се полнат, наведуваат изворите.

Оваа парализа доаѓа во момент кога Соединетите Американски Држави го уапсија претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга во Каракас, а Доналд Трамп најави надзор над политичката транзиција во Венецуела.

Американскиот претседател претходно денеска потврди дека „нафтеното ембарго“ е целосно на сила.

Инаку, САД денеска извршија и воздушни напади врз Венецуела, а Трамп објави дека американските специјални единици го уапсиле претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес и ги извеле од земјата.

Државната обвинителка на САД, Пем Бонди, претходно соопшти дека брачниот пар Мадуро ќе се соочи со обвиненија што против нив ги подигнал суд во Њујорк.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни