Според извештајот, тоа претставува 10 проценти од годишниот приход на „Мета“, сопственик на „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Вацап“. Истражувањето покажало дека платформите не успеале да ја спречат „лавината“ реклами што изложиле милијарди корисници на различни измамнички шеми за е-трговија, лажни инвестиции и нелегални медицински производи.
Еден од документите наведува дека во 2024 година на корисниците секојдневно им биле прикажувани околу 15 милијарди ризични реклами. Во друг документ се проценува дека компанијата заработува околу 7 милијарди долари годишно само од овие огласи.
Спора реакција на компанијата
Ројтерс пишува дека „Мета“ бавно реагирала и откако станала свесна за најголемите измамници на платформата. Некои од нив, класифицирани како „сметки со висока вредност“, добиле и повеќе од 500 опомени без да бидат блокирани. Дополнително, алгоритмот за персонализирано прикажување на реклами правел корисниците што кликнале на измамнички огласи да гледаат уште повеќе такви содржини.
Одговорот на „Мета“
Портпарол на компанијата за порталот NewsNation изјавил дека бројките наведени во извештајот се „груби и преголеми проценки“ и не претставуваат официјални податоци. Тој нагласил дека „Мета“ интензивно се бори против измамите и дека во последните 15 месеци бројот на пријави за вакви огласи е намален за повеќе од 50 проценти.
„Протечените документи прикажуваат селективен и искривен поглед, фокусирајќи се на обемот на предизвикот, а не на мерките што сме ги презеле за да го решиме проблемот,“ стои во реакцијата на компанијата.
Во последниот квартал, „Мета“ пријави повеќе од 50 милијарди долари приходи од реклами, што е зголемување од 26 проценти во однос на претходната година.
Судски и регулаторни притисоци
Покрај овие откритија, компанијата се соочува и со тужба од над 80 шпански медиуми, кои бараат 551 милион евра оштета од европското седиште на „Мета“ во Даблин, обвинувајќи ја за нелојална конкуренција во дигиталното огласување.
Во исто време, Европската комисија отвори постапка против „Мета“ и „ТикТок“ поради непочитување на обврските за транспарентност и недоволен пристап на истражувачите до јавни податоци, во согласност со Законот за дигитални услуги (DSA).
Овие случаи дополнително го зголемуваат притисокот врз технолошкиот гигант, кој е под интензивен надзор на европските и американските регулатори поради прашања поврзани со безбедноста, транспарентноста и заштитата на корисниците.
Извор: N1info.rs
