Родово базираното онлајн насилство – нормализирана тишина што го гуши новинарството

Во дигиталната арена на Западен Балкан, каде што новинарството треба да биде глас на вистината, отчетноста и граѓанскиот интерес, жените новинарки сè почесто стануваат мета на брутални напади. Но, не со куршуми и бомби – туку со зборови.

Со закани, со омраза, со јавни линчови на социјалните мрежи, со молк и одбивање на институциите да ги заштитат. Ова насилство не само што е присутно – туку е и длабоко нормализирано.

Нова регионална студија изработена од тим истражувачи и новинарки од Универзитетот во Виена и од Западен Балкан, открива дека новинарките во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија се секојдневно изложени на родово базирано онлајн насилство – додека институциите најчесто молчат.

Кога молкот е повредлив колку и заканата

Иако многу земји од регионот формално имаат законски регулативи против говор на омраза, во пракса тие ретко се применуваат – или се применуваат селективно. Студијата укажува дека постои сериозен јаз помеѓу она што е напишано во законите и секојдневната реалност со која се соочуваат новинарките. Законите постојат – но за многу од испитаничките, тие се само мртво слово на хартија.

„Постојаниот јаз помеѓу законските рамки и реалноста на искуствата на новинарките нагласува длабока политичка неусогласеност. Спроведувањето на законот останува неконзистентно, селективно, а понекогаш и целосно отсутно“, се вели во извештајот.

Соочени со навреди, сексистички коментари, ширење лажни информации, и дури и директни закани со сексуално насилство или напад врз членовите на нивните семејства, новинарките се оставени сами. Некои од нив дури биле објавени на „црни листи“ во провладини медиуми и означени како „предавнички“, „непријатели на државата“, или „внатрешни непријатели“ – формула што ги претвора во легитимна мета за напади, како онлајн, така и офлајн.

Закани – без одговор, без санкции

„Пријавив, но ништо не се случи.“ – ова е најчестата реченица што ја споделиле испитаничките во студијата. Дури и кога заканите биле сериозни – закани со силување, со убиство или со насилство врз нивните деца – реакцијата на полицијата или обвинителството во повеќето случаи била индиферентна. Во некои случаи, пријавите биле целосно отфрлени.

„Само во многу малку случаи беше преземена каква било акција. Ова кај жените, во огромно мнозинство, остави чувство на фрустрација и недоверба во системот.“

Истрагите, кога и да постојат, ретко водат до правна разрешница. Дополнително, некои новинарки изјавиле дека се чувствуваат двојно казнети: прво, од страна на насилниците, и второ – од страна на институциите кои не ги штитат, туку ги оставиле без поддршка.

Од политички конфликти до онлајн напади

Истражувањето ја поврзува сегашната клима на онлајн насилство со подлабоките историски и политички фактори во регионот. По деценија на војни, национализам, етнички тензии и незатворени рани од минатото, Западен Балкан останува кревок терен за демократија и човекови права.

„Тековните политички тензии и ‘културните војни’ мигрираа од физичкиот свет во дигиталниот простор, создавајќи плодна почва за ширење на говорот на омраза, засилувајќи ги социјалните поделби и пречките за политичкиот и социјалниот напредок на регионот.“

Жените новинарки кои пишуваат за воени злосторства, организиран криминал, корупција, или прашања на родова еднаквост се најчестите мети. Особено оние кои имаат етнички, религиски или родов идентитет што отстапува од „нормата“ или се смета за непријателски.

Време е за системски одговор

Авторките на студијата – проф. Катарин Сарикакис, Олександра Гудкова, Невена Бувач, Александра Маринковиќ и Гулдана Аметова – јасно укажуваат дека не е доволно само институциите да се потсетат на нивната улога. Потребно е вистинско, системско ангажирање.

„Треба да се изгради синџир на одговорност и ѕид на заштита во кој ќе бидат вклучени работодавачите и медиумските организации, новинарските синдикати, полицијата, државните власти и судството, како и поширокиот екосистем на граѓанското општество, медиумите и медиумските платформи.“

Новинарките не треба да се борат сами. Ниту да се навикнат на стравот, тишината, или цинизмот на системот што ги разочарал. Онлајн насилството е вистинско насилство. И секоја закана што се игнорира – само го храни следниот напад.

Извор: Moonshot.news

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни