Панел-дискусија: „Полова ≠ Родова еднаквост: Каде згрешивме во разбирањето?“

Родовата еднаквост не е термин, туку срж на слободата: Ако молчиме денес, утре ќе го изгубиме гласот засекогаш

Во време на заострување на реториката, релативизирање на правата и враќање на концептите во мракот на неразбирањето, темата родова еднаквост повеќе не е само борба за правична застапеност на жените и мажите, туку фронт за одбрана на самиот концепт на човековите права. Токму тоа беше суштината на панел-дискусијата што се одржа во рамките на настанот „Родова еднаквост: Темелот за општество без насилство“, каде четворица говорници – правници, активисти, новинари и истражувачи – дадоа алармантна слика на состојбата со родовите права и наративите што ја обликуваат.

„Нема малку или многу слобода. Има само слобода – или нејзино отсуство.“

Од поимна конфузија до политичка манипулација

Истражувачот Жарко Трајановски остро предупреди дека мешањето на поимите „пол“ и „род“ не е случајно ниту наивно. „Не станува збор за никаква поимна забуна кога некој се обидува да ја избрише родовата еднаквост и да ја замени со ‘полова рамноправност’. Тоа е политичка идеологија, програма и пропаганда.“

Оваа реторика, според него, е дел од глобална стратегија на антиродовите движења – од Москва до Ватикан – што преку религиозни и политички коалиции го уриваат она што со децении се градеше како праведна и правна рамка за еднаквост.

„Секој говор против родот е говор против правата на жените и девојчињата. Тоа е говор против слободата,“ потенцираше Трајановски.

Практичните последици од поимовна нејасност

Александра Цветковска, активистка за женски права и истражувачка на терен, зборуваше за видливите последици што ги трпат оние што веќе се маргинализирани.

„Кога институциите не го разбираат родот како општествена категорија, не го препознаваат ниту насилството, ниту дискриминацијата.“

Таа наведе примери – млада Ромка-жртва на семејно насилство која не добила заштита бидејќи немала формален брак. Младо девојче кое било спречено да продолжи со школување бидејќи „ѝ било време за мажење“, а институциите го третирале тоа како семејна работа, а не како дискриминација.

Во сите тие случаи, поимовната конфузија води до системска тишина. А тишината, кога станува институционална, веќе не е неутрална – таа е соучесник.

Медиумите: гласот што тоне, или гласот што крши ѕидови?

Назим Рашиди, новинар и истражувач, го постави прашањето кое многумина избегнуваат да го отворат – каква е улогата на медиумите во воспоставувањето или уривањето на родовата рамнотежа? Според него, медиумите денес не можат да бидат двигатели на промени ако самите не се разбираат што е родова еднаквост.

„Ако немаш новинар кој ги разбира човековите права, процесот се блокира уште на влезната врата.“

Рашиди истакна дека младите генерации на Балканот се сè порелигиозни, позатворени, со намален интерес за слободи и права. Дел од нив како омилен политички лик го посочуваат Путин – што според него е поразен показател дека системот не ги пренесува вредностите на еднаквост и слобода.

Родовата еднаквост како политичка алатка – кој ја користи, а кој молчи?

Санела Шкријељ, активистка и поранешна пратеничка, зборуваше за тоа како темата родова еднаквост одамна е злоупотребена во политичкиот простор.

„Левицата молчи, десницата гласно негира. А ние активистките некако го преспавме овој критичен период.“

„Не зборуваме повеќе за еднаквост, туку за опстанок на самиот концепт на правда. Ако исчезне родовата еднаквост од јавниот дискурс – ќе исчезне и од реалноста.“

Таа укажа на апсурдот – родот е во сите кампањи, во декларации, па дури и во државни стратегии, но само како збор, не како концепт. Според неа, мора да се вратиме на почеток, на суштината – на вредностите што стојат зад тој збор.

Темата родова еднаквост не е мода, ниту политички украс во изборни програми. Таа е огледало на тоа какво општество сме и какво сакаме да станеме. Ако институциите не го разбираат родот, ако новинарите го игнорираат, ако политичарите го користат, а не го почитуваат – тогаш ќе се најдеме во позиција кога основните слободи ќе бидат минато време.

А првите што ќе ги почувствуваат последиците се младите. Веќе ги чувствуваат.

„Секој збор помалку за родова еднаквост – е чекор повеќе наназад. А ако премолчиме сега, утре ќе зборуваме за загубените генерации.“

Во борбата за еднаквост, не се бројат само закони, туку и гласовите. И токму затоа мораме да зборуваме – појасно, погласно, похрабро. За да не дозволиме утре да нè прашаат: „Каде бевте кога исчезнуваше правдата?“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни