„Кој ја плаќа сметката?“: Само 38% од жените работат, а економијата губи 2,5% од БДП

Панелот „Кој ја плаќа сметката?“ во Europe House Скопје ги отвори прашањата за економската позиција на жените во Македонија.

Во Македонија само околу 38% од жените се вработени, родовиот јаз во платите се движи меѓу 15 и 20 проценти, а економијата губи околу 2,5% од БДП поради родовата нееднаквост. Во секојдневниот живот, жените во просек поминуваат околу три часа повеќе од мажите во неплатена домашна работа, додека сопственоста на имот останува значително пониска – само околу 27% од жените во државата се сопственици на имот.

Панел-дискусијата „Кој ја плаќа сметката? Цената на нееднаквоста“ се одржа денес во Europe House Скопје, по повод Меѓународниот ден на жената, како дел од иницијативата „Wear the Change“. Настанот ја отвори дебатата за економските последици од родовата нееднаквост во Македонија – од платите и вработувањето, до сопственоста на имот и пензиската сигурност на жените.

Модератор на дискусијата беше Кристина Хаџи-Василева, која нагласи дека темата за родовата еднаквост често се третира како прашање на социјална правда, но дека нејзината економска димензија е подеднакво важна.

„Често зборуваме за родова еднаквост како за социјална тема, но економското јакнење на жените е исто толку важно. Кога зборуваме за економија, зборуваме за можности, стабилност и долгорочен развој на општеството“, истакна Кристина Хаџи-Василева.

Во дискусијата беше посочено дека родовата нееднаквост се појавува во различни фази од животниот циклус – од образованието и влезот на пазарот на труд, до напредувањето во кариерата и економската сигурност во староста. Иако жените се сè пообразувани, нивното учество на пазарот на труд и на раководните позиции останува ограничено.

Според Никица Кусиникова, родовата нееднаквост не е само прашање на правичност, туку и директна економска загуба за државата и компаниите.

„Родовата нееднаквост во економијата ја чини државата околу 2,5 проценти од БДП. Тоа е огромна цена што ја плаќаме како општество“, истакна Никица Кусиникова.

Таа посочи дека компаниите често се соочуваат со намалена продуктивност и недостиг на кадар, додека истовремено голем дел од потенцијалот на жените останува неискористен. Една од причините, како што беше нагласено, е тоа што жените почесто отсуствуваат од работа поради грижа за деца или постари членови на семејството, што често се перцепира како ризик за работодавачите.

Во тој контекст, беше посочено дека компаниите кои воведуваат поголема флексибилност на работното место и можности за работа од далечина бележат значително поголемо учество на жените на пазарот на труд.

Прашањето за економската позиција на жените е особено комплексно во руралните средини. Билјана Петровска Митревска посочи дека многу жени во земјоделството активно работат, но нивниот труд често не се препознава формално.

„Голем дел од жените во руралните средини се дел од неформалната економија. Мажите најчесто управуваат со стопанството и финансиските средства, додека жените работат без формална економска независност“, рече Билјана Петровска Митревска.

Според неа, дури 65% од семејните работници во земјоделството се неплатени, а сопственоста на имот кај жените во руралните средини е значително пониска отколку на национално ниво. Додека на ниво на држава околу 20% од жените се сопственици на имот, во руралните средини таа бројка паѓа на само 5 проценти.

Петровска Митревска посочи дека токму поради ограничените економски можности, голем дел од младите жени се иселуваат од руралните средини, што дополнително го продлабочува демографскиот и економскиот јаз.

„Најголем број од луѓето кои мигрираат од руралните средини се жени и млади девојки. Ако сакаме да ги задржиме, потребни се политики за економско активирање и финансиска писменост на жените“, нагласи Билјана Петровска Митревска.

Професорката и претприемач Македонка Димитрова посочи дека економската нееднаквост не завршува со вработувањето, туку често се одразува и во подоцнежните фази од животот.

„Жените не се помалку храбри од мажите, но факт е дека финансиската несигурност ја следи жената низ целиот живот“, истакна Македонка Димитрова.

Таа објасни дека честите прекини во кариерата поради родителски обврски создаваат дисконтинуитет во работниот стаж, што подоцна се одразува и на пензиската сигурност. Според неа, во јавната дебата сè уште ретко се отвора прашањето за татковско родителско отсуство, кое во некои европски земји претставува важен механизам за постигнување родова еднаквост.

Во текот на дискусијата беше нагласено дека решенијата бараат координиран пристап од институциите, компаниите и општеството. Флексибилните работни ангажмани, можностите за работа од далечина, подобрата грижа за деца и поголемата финансиска писменост на жените беа посочени како дел од мерките што можат да придонесат за поголемо учество на жените на пазарот на труд.

Како што беше заклучено на панелот, прашањето „кој ја плаќа сметката“ за родовата нееднаквост има јасен одговор – ја плаќаат жените, но ја плаќа и економијата во целина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни