Родољуб Анастасов – Најпсихолошкиот автор на сите времиња го надминува животот и уметноста

Родољуб Анастасов, човекот, уметникот, кој преживеал две и пол години на Голи Оток, не дозволил да му го скршат духот, туку напротив, неговото сликарство добило нова длабочина. Неговото наследство е такво што дури и внукот на Клод Моне ќе каже дека Анастасов е најпсихолошкиот автор на сите времиња. Човек кој не само што оставил трага во македонската уметност, туку и на светско ниво, дава ново значење на уметноста која преминува во вечност.

Во Музејот на град Скопје беше отворена изложба посветена на 90-тиот роденден на големиот македонски уметник и педагог Родољуб Анастасов, на која учествуваа негови студенти со свои дела.

Јасминка Намичева, кураторката на изложбата, истакна: „Сакавме да направиме нешто невообичаено. За творештвото на Анастасов многу е зборувано, пишувано, организирани се изложби. Тоа е огромно творештво. Ако правевме нешто ново, тоа требаше да биде голема ретроспектива. Наместо тоа, решивме да го прикажеме неговиот друг, подеднакво значаен аспект – педагошката работа. Затоа, ги собравме неговите студенти и еве ја изложбата“.

Да имате жив уметник со такво значење, не само кај нас, туку и на светско ниво, е голема привилегија. Организацијата на изложбата беше неизбежна – едноставно, мораше да се случи.

На прашањето, како се избираа уметниците што учествуваат? Јасминка одговара: „Немаше класична селекција. Вклучени се сите што биле дел од неговата класа на Ликовната академија од 1980 до 2000 година. Некои од учесниците се и од Средното уметничко училиште и Педагошката академија.“

Разговор со уметниците:

Трн: Константин Качев, како вие го доживеавте Анастасов како наставник? Што беше највредно што го научивте од него?

Константин Качев: Од него научив што значи цртањето – не само како техника, туку и како филозофија. Не само да седнеш и да црташ, туку да размислуваш преку цртежот. Тоа ми помогна да го најдам својот уметнички пат.

Трн: Во вашите дела, како се чувствува неговото наследство?

Константин Качев: Веројатно преку пристапот кон цртежот – љубовта кон линијата, формата, структурата. Дали тоа е негово наследство или нешто што го имав во себе, а тој ми помогна да го развијам, не знам. Но, знам дека неговото влијание е длабоко.

За читателите на Трн, Тања Таневска, ја споделува најголемата вредност на човекот, сликарот, уметникот, професорот: „Тој бараше дисциплина, истражување, но никогаш не ни наметна свој стил. Ни помогна да го негуваме нашиот сопствен израз.“

Ванчо Јаков вели дека ова е уникатна изложба. „Колку што знам, досега не се случило вакво нешто за ниту еден уметник, ниту еден професор. Анастасов не е само сликар – тој е човек што поминал низ многу нешта, но духот му останал непокорен.“

„Човекот, сликарот, уметникот – кој 90 години има поминато во животот, со сите подеми и падови. Што не е поминато во неговиот живот? Често седиме во неговото ателје и тој раскажува за неговиот живот. Тешко е да се прифати тоа што животот го носи. Така си мислев кога доаѓав овде. Две, две и пол години поминати на Голи Оток, излегуваш жив, без да ти го скршат духот.“

Неговото сликарство е ретко, нешто што не може да се спореди со многумина во светот. Тоа негово сликарство не е земно, тоа е небесно.

Внукот на Клод Моне за него вели дека е најпсихолошкиот автор што го видел во светот.

Изложбата во чест на Анастасов е повеќе од уметнички настан – таа е сведоштво за неговото влијание врз генерации уметници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни