Родителите на жртвите од „Пулс“ разочарани од комеморацијата во Собранието: „Ова е уште една голема рана за нас“

Родителите на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани изразија разочарување од комеморативната седница во Собранието по една година од пожарот.

Родителите на младите кои го загубија животот во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани изразија длабоко разочарување по комеморативната седница што се одржа во Собранието по повод една година од несреќата во која загинаа 63 лица.

Тие велат дека очекувале достоинствено одбележување на годишнината и вистинско оддавање почит на нивните деца, но според нив, комеморацијата била кратка и без да бидат споменати имињата на жртвите.

„Денеска сме тука, повикани од Владата на комеморација за нашите деца по една година од трагедијата. Очекувавме кога ќе дојдеме овде да им се оддаде почит на нашите деца, но сè падна во вода. Комеморација за 63 жртви во една држава со две страници прочитан текст и – толку. Ова е голем удар за нас родителите. Не го очекувавме ова, тоа е уште една голема рана за нас“, изјави Габриела Наунова, мајка на загинатата Надица Наунова.

Таа додаде дека е разочарана што по една година од трагедијата, комеморацијата се свела на кратко читање на подготвен текст, без вистинско оддавање почит кон жртвите.

Сличен став изрази и Драги Стојанов, таткото на загинатиот Томче Стојанов, кој рече дека е срамота што ваква комеморација се организира дури една година по трагедијата.

„Нè гледаат како да сме виновни што ги испративме децата во дискотека. Барем малку доблест и чест да покажаа кон нив. Ние ќе си плачеме на гробовите на нашите деца, а тие ќе продолжат понатаму. Јас 60 години работам за да му изградам куќа на моето дете, а сега кому ќе му остане таа куќа? Ова не е судбина, туку убиство од небрежност на институциите. Ако институциите си ја работеа работата како што треба, нашите деца денес ќе беа живи“, изјави Стојанов.

Трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани се случи пред една година и се смета за една од најтешките несреќи во поновата историја на земјата, во која животот го загубија десетици млади лица.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни