Родителите на жртвите од „Пулс“ пред Судска медицина бараат одговори за анализите

Дел од семејствата на загинатите денеска се собраа пред Судска медицина во Скопје, барајќи одговори дали биле направени токсиколошки анализи и што покажале резултатите.

Дел од родителите на загинатите во трагедијата во „Пулс“ утрово пристигнаа пред Судска медицина во Скопје, каде бараат средба со директорот и одговори на прашањата што, како што велат, со месеци остануваат без разрешница. Во фокусот на нивните барања се токсиколошките анализи, односно дали при обдукциите било испитувано присуство на цијаниди и други токсични соединенија.

Александар Наунов, татко на загинатата Надица, и претходно јавно посочи дека семејствата доставиле официјално барање до Институтот за судска медицина со конкретни прашања, но дека и по два месеца не добиле јасен и писмен одговор. Според неговите наводи, семејствата побарале недвосмислено да им се соопшти дали биле извршени токсиколошки анализи и што точно покажале тие.

Родителите обвинуваат и дека институциите меѓусебно ја префрлаат одговорноста, додека тие остануваат без клучни информации за причините за смртта на своите деца. Во нивните јавни обраќања, тие потсетуваат и на болниот процес по трагедијата, кога телата биле однесени на обдукција во Скопје, а семејствата со денови чекале за да можат достоинствено да се простат.

Ова не е првпат семејствата јавно да побараат одговори. На претходните маршеви и протести во Кочани тие повторно го отворија истото прашање: ако веќе била направена обдукција, тогаш зошто, повеќе од една година подоцна, сè уште нема целосна слика за тоа што точно покажале анализите.

Според најавите што претходно ги упатија, семејствата денеска нема да се повлечат додека не добијат одговор од надлежните. Со тоа, нивното барање повторно се сведува на истото прашање што со месеци го поставуваат јавно: дали вистината за смртта на нивните деца е целосно утврдена и зошто институциите толку долго молчат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни