Главно прашање после Штипската Пастрмајлијада, кое ја подели јавноста, а ги натера родителите на загинатите млади луѓе да ги запрашаат пред се нивните сограѓани каде е интересот за правда во државава, каков што е интересот за забава и музика?
„Кочанчани, ако можевте 30 километри до Штип, зарем 300-400 метри до Паркот на револуцијата се премногу? Таму не ве чекаат ѕвезди на сцена, туку споменот на вашите другари и другарки 62 ангели што таа кобна ноќ ја оставија младоста на овој град. Наши сограѓани, родители ве очекуваме на следниот марш. Не за концерт, не за медиуми, туку за човечка почит. За вистинска правда за вашите другари, пријатели, братучеди, внуци, сограѓани“, реагира Здружението на граѓани 16ти Март
Во меѓувреме социјалните мрежи вријат со реакции.
„Во Штип каде исто имаше жртви и град во близина на Кочани, пејач собра околу 100 000 народ. За забава и журка први, а за поддршка нигде. Лицемерие и малодушност“, пишува еден корисник на социјална мрежа.
Друг пак, вели дека „Ако за концерт може да излезат 100 000, тогаш за живот во средена држава, мора да можеме повеќе. Или ќе научиме како треба или ќе пропаднеме колективно, додека музиката свири на палубата како Титаник“.
„Тоа што почнува помасовно да се собира народ на вакви собири покажува дека едноставно жедни сме за опшутена атмосфера и живеење на поопуштен живот. Смачено му е на народот и од протести и од се, едноставно или кренавме раце па оставаме политиката да оди каде што ја носи водата, или пак вака подобро ни е. Луѓето заслужуваат да имаат достоен живот. Тука е и културниот и социјален живот“, реагира трет корисник на социјалните мрежи.
Родителите на трагично загинатите млади лица најавуваат нов протестен марш оваа сабота во Кочани откако дојдоа во Скопје да побараат одговорност за смртта на своите деца, но и да ги потсетат надлежните дека се во исчекување на судска постапка која се уште не е започната и после шест месеци од катастрофата.