„Ни требаат луѓе кои што знаат да се сплотат со нас во оваа болка. Ако се сплотени со нас, имаат човечност. Со човечност не се раѓа, не се учи таа е наследна. Ве молам да истраеме. Ве молам за поддршка да ја истераме заедно правдата“ порачаа денес роднините на зафинатите во Кочани.
Со паролите „Моето дете беше убиено од систем кој не штити туку убива“, „Колку детски животи треба да згаснат за да се разбудите?“, и „Ние изгубивме, вие се уште имате за што да се борите„ неколку илјади граѓани го започнаа „Маршот за ангелите“ точно во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, од каде учесниците се упатија кон Собранието, а завршницата ќе биде пред Основниот кривичен суд.

Ова е прв марш во главниот град организиран од граѓанските иницијативи „Кој е следен!“ и „16 Март 2025“, по неколкунеделните саботни собири што ги организираа родителите во Кочани. Нивната порака и натаму силно одекнува: „Не сакаме милост, туку вистина и правда. Болката е наша, но борбата е за сите. Ни треба вашата поддршка“. Родителите се надеваат на масовно присуство, нагласувајќи дека нема да се откажат сè додека не се утврди целосна одговорност за трагедијата.
Во меѓувреме, Кривичниот суд, Обвинителството и Адвокатската комора најавија дека ќе преземат сите неопходни мерки за непречено и ефикасно спроведување на судењето за случајот „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени.
Првото рочиште е закажано за 19 ноември. Според обвинението, за тешки кривични дела против јавната безбедност се товарат 34 физички и 3 правни лица. Судењето ќе го води тим од околу 15 обвинители, соопшти државниот обвинител Љупчо Коцевски.
