Откако неколку земји ги забранија или размислуваат на малолетниците да им забранат да ги користат социјалните медиуми, македонското министерство за дигитална трансформација, преку класните раководители до родителите на децата во основните училишта, испрати упатство за користење на апликации за контрола од родителот.
Во упатството се наведени неколку апликации коишто ги нудат потребните функционалности за контрола од родителот, се објаснува процесот на инсталирање на апликациите, а на родителите им се сугерира на своите деца да им постават ограничувања во однос на времето поминато пред екран. Во документот, исто така, родителите се советуваат да ги следат активностите на своите деца, редовно да разговараат со нив, како и да прават периодичен преглед на содржината којашто ја гледаат на интернет.